Ковачевски во Минхен: Интеграцијата на Западен Балкан е геостратешко прашање

Премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи стравуваат дека без јасна европска перспектива, влијанието врз Западен Балкан ќе биде преземено од трети земји и регионот ќе се соочи со драматични последици, вклучително и безбедносни.



Ковачевски во своето обраќање на дебатата „Не гледај раздвоено – Цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан“ во рамки на Минхенската безбедносна конференција, на која учествувал и албанскиот премиер Рама, а присуствувале премиерите на Бугарија и Косово, Петков и Курти, посочил дека бугарското вето влијае врз целиот регион и ја разнишува довербата кон Унијата.

„Поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Македонија и Албанија губат драгоцено време. Но, поголемото прашање е што губи Европската унија во овој случај. Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање. Оваа ситуација го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот. Доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западен Балкан, тогаш третите страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план. Затоа ЕУ мора да најде формула како да го одржи зборот и да продолжи со проширувањето на Западен Балкан“, вели Димитар Ковачевски.

Османи, пак, од панел дискусијата на тема „Празнина во срцето на Европа? Назад на Балканот“, порача дека ЕУ треба да сфати дека Западниот Балкан не е дупка, туку срцето на стариот континент.

„Секој неуспех во одржувањето на европската траекторија на Западен Балкан може да има драматични последици за земјите од регионот и за ЕУ, вклучително и во однос на безбедноста и миграцијата. Нашите земји треба да продолжат да напредуваат во однос на помирувањето и решавањето на билатералните спорови, во европски дух, како и да ги зајакнат фундаменталните реформи, особено во однос на владеење на правото, врз основа на ревидираната методологија за пристапување“, вели Османи.

Со овие обраќања, македонската делегација го заокружи учеството на Минхенската безбедносна конференција. На неа имаа средби со бројни истакнати членови од меѓународната заедница, а централна тема на сите беше решавањето на спорот со Бугарија. Конференцијата беше искористена и за нова средба на Ковачевски со Петков, а со бугарскиот премиер разговор имаше и претседателот Пендаровски.