„Порталб.мк“: „Сметки за струја кај домаќинствата и до 700 евра за јануари – во некои ЕУ-земји толку за цела година!“

„Јануари 2022 беше голем економски удар за многу семејства и некои од нив се жалат на високи сметки за струја од 200 до 700 евра по домаќинство. Иако надлежните изјавија дека струјата во јануари ќе поскапи за 10 отсто, граѓаните се жалат дека добиле сметки за 50 отсто повисоки од декември. Дури имало случаи кога сметките пристигнале за 100 отсто повисоки. Од ЕВН тврдат дека цената на струјата не зависи од нив, туку од Регулаторната комисија и демантираат дека испраќаат високи сметки, укажувајќи дека тие сметки содржат претпоставена потрошувачка (паушал), кои може да се коригираат. Но, ако овие износи и по корекцијата останат со мала разлика, тогаш цените се драстично високи и недостапни за граѓаните.“ – вели информативниот портал на албански јазик „Порталб“ во анализата со наслов „Граѓаните се жалат на ‘астрономски’ сметки, ЕВН демантира – печалбарите велат дека во Европа плаќаат многу помалку“.

„Локман Бакиу од село Студеничани вели дека три дена по ред оди да се жали, бидејќи сметката за струја за јануари била 41.691 денар во однос на декември кога платил 14.159 денари, што е пак висока сума, кога минималната плата е во моментов 15.200 денари. Тој вели дека за да ја платат јануарската сметка треба да работат цели два месеци, ако не и повеќе. Не се разликува многу сумата и за семејството Шабани од истото село, кое треба да плати за струја 36.947 денари за јануари. Иста мака има и семејството Максути од Скопје: јануарска фактура од 37.845 денари.“

„Во врска со растечкиот број поплаки околу сметките за струја од ЕВН велат дека фактурите за електрична енергија се повисоки во текот на зимата, бидејќи, како што велат оттаму, ‘мнозинството граѓани немаат друга можност за затоплување и затоа потрошувачката на струја е многу поголема’. ‘Во некои од поплаките на граѓаните за сметките е констатирано дека тие во најголем дел потрошиле онолку киловат-часови колку што е наведено на сметката. ‘Во некои случаи се случува сметката да содржи претпоставени вредности, бидејќи броилото не било читано. Може сметките да се постојано многу ниски со месеци, но откако ќе се провери броилото доаѓа високата сметка за струја и за месеците кога тоа не било читано.’ – велат од ЕВН и дополнуваат дека високите фактури ги има и затоа што нема броило во сите домаќинства, за да би се имале постојано сознанија за потрошените киловати. ЕВН тврди дека нема поплаки во случаите кога домаќинствата имаат броила за струја.“

„Печалбари од Македонија, кои живеат во земјите на ЕУ, велат дека сметките за електрична енергија за домаќинствата таму не се толку високи какви што се сметките во Македонија. Ова се случува и поради можноста за централно греење, што им ја нудат односните земји, нешто кое го нема во Македонија, со исклучок во Скопје. Кичевецот Мадин Амити, кој работи во Швајцарија, вели дека никогаш не се случило да плати толку многу струја, ниту за цела една година. Амити во Швајцарија плаќа најмногу 700 евра годишно за струја и е принуден да му помага на дел од семејството во Македонија, да ги плаќа вртоглавите сметки за струја. Фарук Елези вели дека во Франција плаќа за струја најмногу од 20 до 30 евра за еден месец. ‘Во Италија многу ретко плаќам повеќе од 20 евра месечно за струја’ – изнесува Елберие Јашари. Нерихан Азири, кој работи во Австрија, истакнува дека плаќа најмногу 73 евра за еден месец за електрична енергија. Во фактурите за еден од месеците е наведено дека имал платено само 32 евра. Сметки со малку повисоки цени доаѓаат во Германија, каде потрошувачите плаќаат и до 120 евра месечно во текот на зимата.’ – објаснува Фуат Шерифи од Македонија, кој работи во Келн, Германија.’ – изнесува „Порталб.мк“ во анализата.