„Во Националниот парк Галичица години наназад се градело кој каде сака и без почитување на законите. До паркот досега се пристигнати 441 мислење за барање за легализација. Од нив за викенд куќи се 244, 180 од барањата се за легализација на објекти во кои живее локално население, 6 за верски објекти, а 11 за хотели и автокампови.“ – објави ТВ Алсат.мк.
ТВ Алсат.мк пишува: „По основ на сопственост ова за мене е фрапантно: 309 од барањата се за легализирање објект, кој се наоѓа на земјиште во приватна сопственост, но 80 од барањата се за легализирање објекти, кои во целост се на земјиште на Република Македонија. Значи узурпирано земјиште. А 52 се делумно на земјиште, кое е во сопственост на РМ.’ – вели Андон Бојаџи од Националниот парк Галичица.“
„Ова покажува голем притисок за неовластено приграбување за лични цели на нешто, што е во сопственост на сите државјани.’ – вели Бојаџи. ‘Ако имаме предвид дека главно се викенд куќи, некој узурпира земјиште за без пари…’ – додава Бојаџи.“
„Охридските локални власти на последната седница на градскиот совет се обидоа да протуркаат легализација на триесеттина објекти, од кои некои во непосредна близина на Охридско Езеро и во Националниот парк, нешто на што гласно реагираа граѓанските активисти. Седницата беше прекината, иако локалните власти тврдеа дека сè било законски.“
„За сите предмети, кои што се во НП Галичица, имаме позитивно мислење добиено и од Националниот парк Галичица и од Министерство за животна средина….’ – рече Александар Китески, секретар во општина Охрид.“
„Но, за секоја регистрирана бесправна градба или узурпација на земјиште, од Паркот велат дека поднесувале пријави до надлежните институции, градежната инспекција и Јавното обвинителство. Најголем дел од бесправно изградените објекти во границите на паркот, кои се наоѓаат во зоната на строга заштита, се околу селото Трпејца.“





