Група граѓани кои се директно оштетени од Елизабета Наумовска, директор на Државен испитен центар бараат таа да постапи согласно Закон за обука и испит за директори на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење.
Поради нејзината блокада на обуките и испитите за утре е закажан протест пред Државниот испитен центар што го раководи Наумовска инаку кадар на СДСМ и екс претседател на партиската комисија за образование.

Најголем дел од тие што треба да бидат обучени и да полагаат се од други политички партии што за дел од нив е можна причина за забавување на процедурите за обука и полагање.
Во продолжение целото писмо на луѓето што чекаат надвор од законските рокови. Меѓу нив има некои што сметаат дека се жртва на политички реваншизам:
Почитувана директорке,
Ви пишуваме од име на група на кандидати кои веќе неколку месеци се имаме пријавено за обука и полагање на испит за директори во основно и средно училиште.
Имено, согласно посочениот Закон сме пријавени регуларно и ги имаме уплатено потребните средства за реализација на обука и спроведување на испити.
Изненадени сме од самоволието и непочитување на позитивните законски прописи иако согласно член 5 од Законот ги исполнуваме условите за спроведување на основна обука и согласно член 8, став 1, цитираме: „Реализацијата на обуката според Програмата, за пријавени кандидати започнува по формирањето на група од десет кандидати, приајвени за обука согласно член 7 од овој закон.“ (Се мисли на Закон за обука и испит за директори на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански Универзитет за доживотно учење).
До овој момент според наши сознанија има формирано повеќе од 5 (пет) групи и сите кандидати ги исполнуваат пропишаните услови и веќе ги имаат уплатено потребните средства. Зачудува фактот, што и покрај се’ вие одлучувате да работите спротивно на позитивните законски прописи и да водите самоволие во институција којашто е од клучно значење за образовниот процес во нашата држава.
Нашите сознанија ги потврдува и тоа што на веб страницата на ДИЦ во делот на АРХИВА (https://dic.edu.mk/blog/) за периодот од 2019, 2020 и 2021 година никаде немате поставено информација за реализација на обуки за директори на основните и средни училишта. Дополнително на ова ниту пак индивидуално сме добиле повратна информација на поставени прашања во врска со термини за започнување на обуката.
Ви укажеме дека ваквото Ваше самоволие и непочитување на законите е на штета пред се’ на децата, а и на штета на целиот образовен процес.
Оттука, Ве повикуваме веднаш да почнете да ги почитувате законите и веднаш да започне процесот на обуки за директори. Во спротивно ќе бидеме принудени да преземеме други мерки, да ги известиме надлежните институции за грубото кршење на законите и да ги известиме претставниците на меѓународната заедница.
Со почит,
Кандидати за обука и полагање на испит





