Покренато обвинение за тешката сообраќајка кај „Сити мол“

Обвинение за кривично дело е покренато против момчето што на пешачки премин со автомобил ја удри 24 годишната Викторија Николова, која им подлегна на повредите на самото место.



По спроведената истражна постапка, увидено е дека во моментот на несреќата семафорите биле исклучени, а момчето не застанало на пешачкиот премин и не обрнало внимание на пешаците на коловозот, иако бил должно да го стори тоа.

„Приоѓајќи кон обележаниот пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67 километри на час, што е за 17 километри на час поголема од максимално дозволените 50 километри на час, со што, како што додаваат од Обвинителството, бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба“, информираат од Обвинителството.

Со оглед на тежината на кривичното дело за кое се товари, јавниот обвинител оцени дека сè уште постои опасност тој да се даде во бегство или да го повтори делото, па до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор.

Тешката сообраќајна несреќа се случи на булеварот „Партизански одреди“ кај „Сити мол“ пред неполн месец. Сообраќајката беше кобна за 24-годишната Викторија Николова која им подлегна на повредите од ударот на самото место, а нејзиниот придружник се здоби со полесни телесни повреди.