„Сте ги виделе жртвите на комунизмот? Сте ги слушнале нивните приказни? Сте ги споделиле нивната тага, нивниот очај, нивните солзи, нивниот страв, кој не е исчезнат и денес? Секако, не. А и зошто би. Тоа се луѓе од минатото. Невидливи за историјата и заборавени од политиката. Кој би сакал да се сеќава на своето срамно минато? Секако не бившите комунисти. Ни по триесет години не успеавме да ја уништиме привлечната ‘магија’ на тоталитаризмот и комунизмот, зашто длабоко се навлезени во свеста на наследниците на идеологијата на злото.“ – вели професор Звонимир Јанкуловски во својата колумна со наслов „Скриена историја на злото: време е да ја расчистиме историската депонија на комунизмот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Јанкуловски пишува: „Македонија сиве години на транзиција остана резистентна на потребата да ја признае монструозната историја на комунизмот. Одбивавме да ги слушаме гласовите на жртвите за да го видиме лицето на злото во Македонија. Македонија предолго заборава и затвора очи пред срамното и болно минато на комунизмот. Заглавени во лагите немаме пат напред додека не се соочиме со вистината за она што ни се случуваше во минатото.“
„Отпакувајќи ја заборавената историја на злото мора да се заврши ‘незавршената револуција’ во Македонија и да се поттикне европеизацијата на антитоталитаризмот. Концептот на ‘незавршена револуција’ ја пренесува идејата дека комунистите задржуваат токсично и постојано влијание врз современите демократски институции и дека овие креатори на злото треба да бидат отстранети од јавниот живот. По сѐ што ни се случува последниве години зарем сѐ уште некој има дилема дека неуспешна транзициска правда е патент во опстојувањето на поранешната комунистичка елита затскриена зад лажниот демократски изглед?“
„Македонија прифаќа епохален, монструозен, непростлив двоен стандард. Говориме и ги осудуваме злосторствата на фашизмот и нацизмот речиси секојдневно; ги учиме нашите деца историски и морални лекции и сведочиме за жртвите на фашизмот. А со толку малку исклучоци, речиси молчиме за злосторствата на комунизмот. Жртвите се меѓу нас, незабележани, отфрлени, тивки и исплашени. Не треба да се обидувате да ги намалите злосторствата на фашизмот, за да се вклучите во дебатата за злосторствата на комунизмот.“
„Одбиваме да им оддадеме чесна почит на оние што страдале во комунизмот и да изразиме соодветна претпазливост за некои решенија што се предлагаат за нашата колективна иднина. Особено кога доаѓаат од наследниците на комунистите. Во Македонија државно спонзорираното сеќавање останува доминантно средство на интелектуално и духовно поробување на народот во транзицијата. Затоа нема да слушнеме за жртвите на комунизмот, нема да им се извиниме за злото што го трпеле, нема да им оддадеме почит на овие луѓе, нема во нашите училишта да се учи вистината за комунизмот, за оние што го оправдувале и го потхранувале злото во Македонија и за оние што херојски му се спротивставиле.“
„Колку едноставно е кога прашањето на жртвите на комунизмот се обидувате да го сведете само на рехабилитација на Бугарите – жртви на комунизмот во Македонија, за кое власта гледам е подготвена да расправа. Рехабилитацијата на жртвите на комунизмот е многу повеќе од тоа: осуда на скриената историја на комунизмот, компензација за злото и сеќавање на репресијата и страдањата на жртвите на тој систем. Изгледа предолго живееме во историската депонија од минатото, што полека некои се навикнаа на реата што ја шири во македонското општеството. Триесет години не успеваме да го расчистиме историското буниште на комунизмот. Изгледа време е.“ – заклучува Звонимир Јанкуловски во својата колумна.
Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/skriena-istorija-na-zloto-vreme-e-da-ja-raschistime-istoriskata-deponija-na-komunizmot/





