Миневски: „Бугарија бара Македонија да ги прифати пропагандите за насилно побугарчување на Македонците како сопствена историја“

„Бугарија бара од Македонија да ги прифати суровите асимилациски пропаганди за насилно побугарчување на Македонците како сопствена историја и да оди напред кон ЕУ – но без Македонците“ – вели Блаже Миневски во својата статија со наслов „Жестоки методи за систематско претопување на Македонците “, која ја објави весникот „Нова Македонија.



Од историските архиви: бројки и факти од записите за асимилација во Македонија од страна на Бугарија и на Србија

Миневски пишува: „Самите податоци, записи и сведоштва дека Бугарската и Српската црква ги делеле селата во Македонија, наметнувајќи им не само вера во бога туку и национална припадност според црквата во која припаѓаат, доволно зборуваат на каков духовен терор биле изложени Македонците, кои немале своја црква по укинувањето на Охридската архиепископија, па затоа со сите средства биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата црква како асимилирани припадници на еден или друг народ. Црквите биле толку моќни и влијателни, што освен верска, наметнувале и национална пропаганда и асимилација“.

„Македонците опстанале и во многу сурови антимакедонски времиња. Историските записи ја потврдуваат единствената историска вистина – дека Бугарите и Србите низ историјата, со своите пропаганди, жестоко се бореле да ја побугарат или посрбат секоја македонска куќа, применувајќи најжестоки методи, сила и терор за да ги присилат луѓето да одат во една или во друга црква, односно родителите да ги праќаат своите деца во српско или бугарско училиште, а со тоа насилно да ги асимилираат.“

Тешка пропагандна борба меѓу Бугарите и Србите за побугарување или посрбување на Македонците

„Според податоците препишани од книгите на парохиските свештеници во Скопската каза, но и според фактите што Даскалов лично ги проверувал на терен заедно со месните свештеници во црквите, во почетокот на 1904 година односот на егзархиски и патријаршиски куќи, односно меѓу таканаречените бугарски и српски семејства во Скопје бил убедливо на страна на Бугарите. Имено, во Скопје, во 1904 година имало 1.663 куќи што биле под капата на Бугарската егзархија, а само 43 куќи биле таканаречени патријаршисти, или србомани, како што ги нарекува Даскалов.“

„Црквите ги делеле селата, наметнувајќи им не само вера во бога туку и национална припадност според црквата во која припаѓаат и тоа доволно зборува на каков духовен терор биле изложени Македонците, кои немале своја црква по укинувањето на Охридската архиепископија, па затоа биле принудувани да се приклонуваат кон едната или кон другата црква како еден или друг народ, иако припаѓале на исто семејство, односно биле браќа или сестри, кои, благодарение на црквите, иако биле од една мајка и татко, припаѓале на два туѓи народа што преку црквата ја наметнувале својата национална пропаганда.“

„Бугарија во моментов не бара ништо друго од Македонија, само да ги прифати пропагандите како сопствена историја и да оди напред кон ЕУ, без Македонците, се разбира.“ – заклучува Миневски во својата статија.

Интернет – врска до целата статија:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/zhestoki-metodi-za-sistematsko-pretopuvanje-na-makedoncite/