Путин нема дерман од Славјанка – Пишува Роберт Димитриевски

„Што да правам, што да чинам“, си ја потпевнува деновиве Владимир Путин македонската народна песна додека „колена му клецав“ скриен во бункерот во Москва по изјавите на министерката за одбрана на Нашата Земја, Славјанка Петровска. Иако само таа од цело НАТО се закани со испраќање војници во Украина, оценувајќи дека „руските сили дејствуваат провокативно и дестабилизирачки“, претседателот на Русија виде – не виде почна да повлекува трупи од западната граница.



Арно ама, Славјанка не се задоволува толку лесно, па пред денешниот состанок на Алијансата во Брисел му порача на шефот на руската држава дека „не гледа вистинско повлекување“. „Политичките изјави се само чекор од таа деескалација, но за да бидеме убедени во тоа треба да видиме придвижување и на теренот“, изјави таа.

Да не си му во кожа на Путин. Тамам куртули од копнена инвазија од најмладата членка на северноатлантскиот пакт, сега ќе мора и над стоилјадната војска долж украинската граница да ја повлекува, топтан со тешкото оружје, тенковите, ракетите. А за тоа треба време, но Петровска е нетрпелива. Додека го сркне бриселското кафе, сака жената да види придвижување, инаку маф им е работата на Русите.

Среќа нивна што, покрај лавовско, Славјанка има и срце славјанско, па им дофрли дека „даваме до последно шанса на дијалогот“. Замисли да не им дадеше…

Богами, тешки времиња за одбраната на Русија, како што знаеше на времето да каже легендарниот спортски коментатор на тогашното Радио Скопје, Ивко Панговски, кога Вардар се бранеше со сите сили на некој од ексјугословенските фудбалски терени. Можеби Македонија е само 134. меѓу 140 земји на листата на „Глобал фајарпауер“ според воената моќ, три места подолу од трикратно помалубројната најмала НАТО-сојузничка Црна Гора, ама од кај да знаеш. Жена не се заканува напразно ако не се чувствува (по)силна, сетики му е јасно и на Путин.

А за каква светска велесила во најава станува збор безбели му објаснил и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров. Додека им бркаа дипломат од амбасадата во Скопје, стигнаа и Северна Кореја да ја опоменат да не помислува на нуклеарни проби. Во меѓувреме, ги „построија“ Хутите од Јемен, а Хуан Гваидо (си) го прогласија за легитимен претседател на Венецуела.

Затоа и тактизира првиот човек на Руската Федерација. Ако во Думата не му ја думаат многу, па побараа признавање на Донбас и Луганск, нему такво нешто на памет не му паѓа. Барем додека одбраната на „Северна“ и на јужното крило на НАТО не се потпира на плеќите на жената која стана тоа што е откако една Радмила Шекеринска се откажа од функцијата.