Касами има 8 советници, им плаќа по 10 денари

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами во кабинетот „вработил“ 8 советници и на нив им исплаќа симболична „плата“ од само 10 денари.



„Општина Тетово, залагајќи се за максимална транспарентност кон јавноста, го објавува списокот на договори на дело склучени со општина Тетово за месец декември 2021 година.

Има вкупно 8 доброволни договори од по 10 денари. Овие лица се дел од кабинетот на актуелниот градоначалник. Овие договори се склучени меѓу физички лица и општина Тетово“ се вели во објавата на Фејсбук на официјалната страница на Општината.

Од општината велат дека овој тренд на транспарентност ќе продолжи тековно и сите договори на дело ќе се објавуваат секој 3-ти месец на веб-страницата на општината и на официјалната страница на општина Тетово на Фејсбук.

Билал Касами, градоначалникот на Општина Тетово го објави списокот на 544 лица со кои претходната градоначалничка на општината, Теута Арифи, склучила 811 договори на дело. Согласно податоците, примале хонорари од 9.000 до 30.000 денари на месечно ниво.

Градоначалникот посочи дека повеќе лица не доаѓале ниту на работа, а пак редовно си ги примале финасиските средства. Потоа најави дека ќе ги објави сите договори на дело што физички ќе ги склучи со општината.