Хакирани сајтови на украинското министерство за одбрана и на две банки

Украинскиот Центар за кибернетичка безбедност соопшти дека се хакирани интернет страниците на украинското министерство за одбрана и банките Приватбанк и Ошадбанк, јави руската агенција ТАСС.



Центарот наведе дека за нападот би можела да биде одговорна Русија. Министерството за одбрана на Украина на Твитер објави соопштение за нападот и наведе дека работи на поправка.

„Интернет страницата на МОУ веројатно претрпе DDoS напад. Се вршат технички работи за воспоставување на редовната работа. Комуникацијата е можна преку Фејсбук и Твитер“, наведе министерството.

Новинарот Кристофер Милер наведе дека хакерите во Украина ги напаѓаат државните банки Приватбанк и Ошадбанк, како и министерството за одбрана. Додава дека не работат банкоматите и не се достапни банкарски услуги.