Доцна синоќа пред полноќ, парламентот во Тирана го одобри Законот за заштита на малцинствата.
Законот беше усвоен со 102 гласа за, 10 против и 1 воздржан.
Текстот за бугарското малцинство беше вклучен пред неколку дена во финалните измени на законот.
Во документот подготвен од албанската влада, долго време беа наведени за малцинство Македонците, Грците, Власите, Црногорците, Србите, Бошњаците и Египќаните.
Непризнавањето на бугарското малцинство предизвика реакција на официјалните претставници на Софија и Бугарија.
Европскиот парламент, исто така, повика на признавање на бугарската етничка припадност на Бугарите кои живеат во Преспа, Голо Брдо и Гора, пишуваат бугарски медиуми.
Тие ја пренесуваат реакцијата на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, кој го поздрави потегот на Тирана и му се заблагодари на премиерот Еди Рама што го исполни ветувањето Албанија да не ги нарушува интересите на бугарската заедница.
„По 104 години, Република Албанија ја призна бугарската етничка заедница во земјата. Вложивме исклучителни дипломатски напори за да се дојде до овој успех и да ги заштитиме правата на Бугарите, кои беа дел од формирањето на нашиот народ, но остануваат надвор од современите граници“ (на Бугарија), коментираше нао личниот Фејсбук профил, Борисов.
Според Македонците во Албанија, признавањето на непостоечко бугарско малцинство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора е кршење на меѓународното право, бидејќи овие области се населени со Македонци, а не со Бугари.
Единствената македонска партија во албанскиот парламент – партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), се изјасни против вклучувањето на бугарско малцинство во законот за националните малцинства во Албанија.
Партијата ги спореди активностите на владата како геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, бидејќи Бугари во Албанија имало само во бугарската амбасада во Тирана.





