Продолжува ,,војната” меѓу Еуростандард и Комерцијална банка

По минатонеделната реакција на Комерцијална банка денеска со реакција се јави сопственикот на Еуростандард банката во стечај Трифун Костовски.



Целата реакција на Костовски во продолжение:

“Иако немав намера денес да се навратам на местото и улогата на Комерцијална банка околу стечајот на Еуростандард банка, меѓутоа официјалното соопштение кое што се објави од страна на Управниот Одбор на Комерцијална банка, во текот на минатата недела, беше повод повторно да се вратам на местото и улогата на Комерцијална банка за стечајот на Еуростандард банка.

Најнапред сакам да укажам дека вакво официјално соопштение упатено од страна на Комерцијална банка до јавноста го толкувам како чин кој што многу ќе ми помогне во мојата натамошна истрага.

Не сакам да го коментирам вокабуларот што беше користен во тоа соопштение, бидејќи сепак говориме за веќе неколку години наназад, банка број еден во Република Македонија. Изразите во самото соопштение од типот замајување и дезинформација на јавноста ја сметам патетична, а уште повеќе фактот што мене ме именуваат како главен виновник за носењето на банката во стечај.

Зачудува фактот што Управниот одбор на Комерцијална банка во континуитет ги прати настаните околу стечајната и пост-стечајната постапка на Еуростандард банка, и дури многу длабоко е навлезена во генезата на мојата веќе 16 месечна војна.

Ќе одговорам дека банкар не сум и дека не сум имал можност да ги контролирам Управните одбори, кои секако биле блиски со актуелното раководство на Комерцијална банка. Бидејќи Комерцијална банка ги посочува и Управните одбори како виновници за лошите пласмани, претпоставувам дека прави дистинкција меѓу стариот Управен одбор, во состав Петкоски-Николовски, кој беше многу близок до актуелниот Управен одбор на Комерцијална банка и новиот Управен одбор предводен од Господинот Горан Трајковски.

Со цел јавноста да биде целосно информирана, Господинот Трајковски уште при самото доаѓање на позиција прво како втор, а потоа како прв Генерален директор ја замоли сопругата да излезе од работа од Комерцијална банка и да се вработи во друг правен субјект. Причините на Горан Трајковски беа многу јасни, бидејќи ја осозна генезата на девијантното работење на предходниот Управен одбор и сосема беше нормално неговата сопруга да го напушти нејзиното работно место во Комерцијална банка.

На Комерцијална банка ѝ стана јасно дека со новиот Управен одбор ќе се прекине соработката со Еуростандард банка. Предходниот Управен одбор на Еуростандард банка ги имплементираше во работењето на Еуростандард банка лошите манири, преземени од Комерцијална банка за користење на трансакциски сметки на физички и правни лица за лукративни потреби. Оваа практика со користење на сметки на физички и правни лица без нивно знаење стана вообичаена и за Еуростандард банка после 2013 година.

Истовремено од тој датум отпочнува „меѓусебната соработка“ за префрлување на лоши пласмани од една во друга банка при моменти на супервизија од Народна банка, која редовно се појавуваше и во двете банки. Жално е што дел од овие лоши пласмани Комерцијална банка никогаш не си ги зема назад. Случајот со Прототип, фирма, клиент на Комерцијална банка која остана во Еуростандард банка со 2,5 милиони евра лоши пласмани.

Втор елемент што многу ме заинтригира е фактот дека Комерцијална банка се става во одбрана кон лицата кои сум длабоко убеден дека носат вина за стечајот на Еуростандард банка, а тоа се екс Премиерот Заев, Техничкиот Премиер Оливер Спасовски и актуелната Гувернерка Бежоска.
Ваквиот факт говори за себе дека Комерцијална банка била многу добро информирана пред самиот стечај на Еуростандард банка, а уште повеќе после направениот стечај. Актуелниот Управен одбор е свесен дека Госпоѓа Бежоска цело време нѐ упатуваше да се дадеме или продадеме на Комерцијална банка. Кога ние, акционерите рековме НЕ на ваквиот предлог и го преземавме чекорот за нов Управен одбор беше јасно дека нешто се спрема за Еуростандард банка.

Денес ми е ситуацијата појасна. Ќе прашате зошто? На неколку пати повиканата Комерцијална банка дека незаконски користела депозит од Еуростандард банка од 3 милиона евра, денеска сѐ уште молчи.

Ние, акционерите бевме под притисок од актуелниот Управен одбор на Комерцијална банка да потпишеме изјава дека нема да ги гониме надлежните во Комерцијална банка за овие злоупотребени 3 милиони евра при потпишувањето на новиот договор за кредит од 10 милиони евра кој прво како субординиран кредит го вложивме во Еуростандард банка, а потоа истиот беше употребен како докапитализација на Еуростандард банка.

Констатирам синергија меѓу Гувернерката на Народна банка, Анита Бежоска и Управниот одбор на Комерцијална банка во постапките што се водеа против Еуростандард банка во втората половина на 2019 година и првата половина на 2020 година. Причината за ваквата моја констатација е следна: Госпоѓата Гувернер Бежоска, нас, акционерите цело време нѐ туркаше во прегратките на Комерцијална банка.

Кога таа љубов не се реализира дојде до казна по нас акционерите за максимална брза докапитализација, која ја направивме во многу брз период, секако додавајќи еден силен правен субјект од осигурителниот бизнис. Изјавата на Гувернерката Бежоска објавена во неделникот Фокус на ден 3 Септември 2020 година, со нејзината изјава дека од акционерите извлекла нови 11 милиони евра не за да ја спаси банката, туку да обезбеди повеќе средства за оштетените, укажува на фактот дека одлуката за стечај на Еуростандард банка веќе била донесена.

За местото и улогата на Комерцијална банка околу овој стечај ќе биде обзнанета кога ќе се завршат сите мои приватни истражни постапки.

Почитувани читатели, вина има и во мене, бидејќи верував во професионалноста на моите поставени Генерални директори. Системот е тука кој што треба да ме штити мене како човек и мојот капитал. Системот во банкарскиот систем на кого го упатувам прстот е Народна банка. Денес отворено се прашувам кој се е вклучен во убиството на Еуростандард банка? Ако Госпоѓата Бежоска актуелна Гувернерка на Народна банка беше егзекутор, кој е нарачателот?

Ве упатувам на заклучоци.

Ќе се прашате Зошто? Мојот одговор е следен: Македонија пред 2 години беше на 111 место на светската листата по корумпираност објавена по Интернешнал Транспаренси, а денес е на 87 место. Еуростандард банка кога отиде во стечај, Македонија беше на 111 место. Падот на местата по корумпираност се должи пред сѐ од стравот да се продолжи со старата пракса, која го уништува безмилосно поединецот и неговиот капитал.

Организираниот криминал и корупција не се на улица, не се во кафетерии и ресторани, туку токму во институциите на системот на државата и силни финансиски групации кои што денеска функционираат во Република Македонија како сива еминенција. Капиталот и парите ја диктираат и политичката сцена во Република Македонија.

Така што, на крајот завршувам: го разбирам ставот на Комерцијална банка дека се однесува како патрон кон своите миленичиња Заев, Оливер Спасовски и Бежоска, но што е со сивата еминенција? И тоа ќе се дознае”.

Костовски реагира на јавното обраќање на Комерцијална банка која пред неколку дена го обвини дека ја дезинфицира јавноста.

Целото обраќање на Комерцијална банка чиј прв човек е екс премиерот Хари Костов во продолжение:

,,Секој обид на г. Трифун Костовски за замајување и дезинформирање на јавноста и за барање виновници за стечајот на Еуростандард банка е залуден затоа што единствени виновници се тој како акционер и претседател на Надзорниот одбор и менаџерскиот тим на банката.

Костовски во секое негово обраќање покажува дека е или комплетно неинформиран за работењето на Еуростандард банка и не е упатен во банкарското работење воопшто или, пак, намерно ја извртува вистината. Досега се изначитавме дека виновни му се гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, поранешниот премиер Зоран Заев, техничкиот премиер Оливер Спасовски, Комерцијална банка… Значи, според него, виновни се сите други освен поранешните акционери и менаџментот на Еуростандард банка. Каков апсурд и лага.

Пред точно една година Комерцијална банка ја објави својата последна реакција во врска со небулозите и лагите на Трифун Костовски и затоа во оваа прилика сакаме само да потсетиме дека Костовски повторно заборава дека тој и неговиот раководен тим се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можеа да се наплатат и затоа тие се главните виновници за пропаѓањето на Еуростандард банка.

И повторно, свесно или не, г. Костовски или лаже или не знае и ја дезинформира јавноста за продажбата на зградите Палата Македонија и Поштенска банка во постапката за извршување на имот ставен под хипотека во Комерцијална банка за кредити дадени на неговата фирма Гофи. Зградата Поштенска банка е веќе продадена минатата година на друг субјект, а не на Централна кооперативна банка, што денес може да се види во Катастарот. Залудно се обидува Костовски да вовлече нови правни субјекти, кои немаат никаква врска со тоа, во неговата приказна и лажни манипулации. Втората зграда, Палата Македонија, исто така, е продадена на лицитација од извршител, на која учествуваа двајца лицитанти, за 1,83 милиони евра. Продажната цена е за над 30.000 евра повисока од цената по која своевремено неговиот син Коста Костовски направил и преддоговор за продажба. Би било многу интересно да објасни како тоа кога Коста Костовски продава по помала цена, тоа е пазарно, а кога се продава на лицитација по повисока цена, тоа било „под објективната пазарна цена“??? Навистина невидени глупости.

Костовски слободно нека продолжи да ја замајува јавноста со дезинформации и шпекулации, но тоа нема да ја промени вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка. Ако и понатаму смета дека има основ, нека си тера постапки пред надлежните домашни, па и меѓународни судови”.