Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата ги поздравува сигналите од Москва дека можеби би сакала да ги продолжи дипломатските разговори за европската безбедност и да ги повлече трупите подалеку од украинската граница.
„Ова е основа за претпазлив оптимизам“, рече Столтенберг, но, нагласи дека „досега не сме виделе никаков знак за деескалација на терен од руска страна“, пренесува „Гласот на Америка“.
Тој рече дека Русија често остава зад себе воена опрема по вежбите, оставајќи им можност на силите да се регрупираат.
Во изјавата, портпаролот на Министерството за одбрана на Русија, Игор Конашенков, денес изјави дека големите вежби низ земјата ќе продолжат, но, оти некои единици од јужниот и западниот воен округ ги завршиле вежбите и почнале да се враќаат во базата.






