Македонскиот јазик е само „литературна норма“ на бугарскиот јазик, Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Митре Панџаров – Влаот и сите македонски револуционери од турско време се „бугарски“, така е и со редица личности, настани, места, поими и од други периоди претставени на Википедија на бугарски јазик. Влијанието на бугарската пропаганда е видливо и на најчитаната верзија на Википедија, на англиски јазик. Дали има влијание бугарската држава? Немаме докази за тоа, велат од македонската Википедија, од каде што реагираат, но велат, тешко е да се извојуваат промени на содржините…
За Гоце Делчев, Никола Карев, потоа и за Питу Гули, Митре Панџаров-Влаот, без исклучок за речиси сите македонски револуционери од времето на турската империја, Софија и натаму води битка за докажување на нивна бугарска националност и определба. Таа битка сега продолжува со засилено темпо на сите фронтови откако Софија наметна спор запирајќи ја македонската евроинтеграција во обид да наметне своја историска вистина за потеклото на македонскиот народ и јазик. Но освен во политиката, засилено се активирани и научните институции, а зголемена активност може да се забележи на сите полиња и „фронтови“. Активностите се засилени и преку интернет.
Видливо е и на Википедија, глобалната интернет-енциклопедија.
Што вели бугарската наука за македонските револуционери одамна на сите ни е јасно. А за да се види што вели најчитаната енциклопедија, Википедија, треба да се посетат повеќе јазични верзии на енциклопедијата, која пак не може да се дефинира сосема како научна, бидејќи ја пишуваат волонтери, кои проверуваат научни извори.
Линк до целиот текст.





