Колку поголем список на желби Бугарите им испоставуваат на Македонците, толку е појасна ситуацијата, оти така на површината ќе излезе сета „нечистотија“ и потоа ќе може подобро да се отстрани! Бугарите ставаат на преговарачката маса се што ја носи пред себе буквата „М“: македонска историја, македонски јазик, македонски народ, македонски песни и обичаи, македонски идентитет… Бугарите поправо се стремат да „исчистат“ се што има на сервираната „македонска маса“ со „шведско самопослужување“ како што тоа си замислиле! Може нешто и да остане, арно ама само како бугарско и никако како македонско!
Секој антимакедонски таен договор со Бугарите е уште отсега „мртвороденче“
Безмалку исто како Втората светска војна сега Бугарите пројавуваат повторно повампирен фашизам, настојувајќи да го сотрат македонскиот корен, но наидуваат на се повисок и се поцврст ѕид! Македонските интелектуалци, македонските медиуми, но најпрвин македонскиот народ постапно создадаваат „критична маса“ на отпорот и бунтот против бугарската антимакедонска шовинистичка хистерија. Ниедна партија, ниеден политичар не смее да се дрзне да потпише некаков „проевропски“ и „добрососедски договор“, во кој Македонците ќе бидат прикажани како народ без свои корени, кој бил формиран во 1944 година, тогаш и со свој јазик, како „дијалектна норма“ на бугарскиот јазик. Но, во случај и да „падне“ некаков договор, мора да се има предвид дека тој е уште отсега „мртвороденче“: министерот за надворешни работи Бујар Османи мора да има на ум дека што и да договорил, или што и да договара сега со Кирил Петков, Радев и другите бугарски политичари на штета на македонскиот народ, се ќе биде поништено и отфрлено.
Османи не добил од никого овластување да соработува со Бугарите на штета на Македонија и на македонската нација. Предвремените парламентарни избори наближуваат се повеќе, тие се неминовни и онаа партија што ќе го освои мандатот за формирање на следната Влада на Македонија ќе мора да анулира се што е договарано со Бугарија. Вазалски или какви било други преговори, а камоли идентитетски, со Бугарија повеќе никој нема да смее да отпочнува.
Во овие моменти доаѓа до синергија, заедничко дејствување и сконцентрирање на „Тиранската платформа“, на „Преспанскиот договор“ и на „Договорот за добрососедство“ со Бугарија во една точка, во точката на конечно разнебитување на Македонија и Македонците. Демократската унија за интеграција, која фактички управува со оваа Влада, не случајно ги исклучи целосно Македонците од надворешната политика и од договарањата со Бугарија. Локомотивата на „интегристичкиот воз“ на Али Ахмети, Бујар Османи и другите нивни сопартијци јури на истите шини, на истиот колосек со Бугарија и Грција…
Ахмети, Османи и нивните колеги од Софија и Атина се возат на исти шини, кои не водат никаде…
Лидерот на Демократската унија за интеграции (ДУИ) Али Ахмети на 8 јануари 2016 година во Атина имаше средба со тогашниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас. На 2.септември 2013 година Ахмети имаше разговори и со тогашниот грчки министер за надворешни односи Евангелос Венизелос во Атина. Меѓутоа, тие шини и тој колосек, на кои се возат лидерот на „интегративците“ и неговите колеги од Софија и Атина не водат никаде … Но, во оваа актуелна Влада сега не учествува само ДУИ, туку уште и две други албански партии… Ковачевски е таму само „безгласна буква“. Меѓународните центри на глобалната политичка моќ, кои се ментори и на Бугарите и на Грците, во својата визија на Балканот не предвидуваат постоење на Македонија како држава, ниту на Македонците како народ. Оваа квази „држава“ „северна“ ниту е држава, ниту е планирано да постои подолго време, откако би се „затворило“ конечно „македонското прашање“.
Затоа, иако „Преспанскиот договор“ и првичниот договор со Бугарија од 2017 година значеа пораз во неколку битки, Македонците не ја имаат загубено и етнодентитетската „војна“! Таа допрва започнува! Можевме да прочитаме овие денови во колумни и други јавни истапувања изрази во стилот „невидена апатија кај Македонците“, „анестезирано македонско општество “и слично, но сите овие жестоки реагирања во јавноста околу бугарските апетити кон Македонија дали покажуваат дека Македонците веќе се помириле со судбината и нечии планови да ги снема, или оти ситуацијата станува поинаква?!
Потврда за ова е и речта на владиката Агатангел, кој вчера само го кажа она што секој Македонец се посилно започнува да го мисли во својот ум и да го чувствува во својата душа: „Ние, Македонците сме патриоти, си ги сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско. Се она што е наше свето македонско, национално, ќе го вратиме назад и нема да дозволиме некој, кој не ја чувствува Македонија национално, да ја одредува судбината на нашата света земја.“ Вошките, за кои Агатангел е „штетник“ и „црв“, „срам за црквата и народот“, токму тие се штетници за овој народ, кој го чувствува Агатангел како свој достоен владика, што заслужува најголема поддршка и почит.
Отворањето на Уставот како можност и за статусен етноинженеринг…
Внесувањето на непостојните „македонски Бугари“ во Уставот е очекувана можност за отворање на Уставот и за дамнешните барања на Албанците да здобијат статус како „државотворен народ“ во Македонија. Во ваков контекст во својата колумна со наслов „Креативната синергија наспроти анахроните фантазми, призраци“, објавена вчера на интернет – порталот на ТВ „Шења“ на албански јазик, новинарот Бардил Заими пишува: „Владеењето на албанските партии во Владата ќе биде тестирано и во други значења, кои го означуваат статусот на Албанците во државотворните константи, односно за рамноправноста толку често проблематизирана од албанските субјекти. Формулацијата ’20 проценти’ се уште останува во уставот и отстранувањето на ова одредување и внесувањето на дефинирањето ‘албански’ останува предизвик сам по себе… Се се детерминира од заедничката визија да се оди напред во насока на отворањето на преговорите со ЕУ.“
Треба да се има предвид дека кон крајот на наредниот месец март оваа година треба да бидат објавени резултатите од пописот, во врска со кој веќе отсега наголемо се лицитира во колкава бројка ќе учествува секој поодделен етникум во вкупната структура на населението во Македонија… Постојат повеќе индикации дека „кроењето“ на резултатите од тој попис оди „рака под рака“ со договарањата со Бугарија…
Во овие мигови проблемот е дотолку посложен, што во одделни албански медиуми отворено се укажува дека „симпатиите кај значителен дел од албанскиот етникум се на страната на Бугарија“. Албански интелектуалци, аналитичари, медиумски работници, не само политичари од ДУИ, бараат од своите „македонски сограѓани да се согласат на болните отстапки и компромиси“, за да „нашата земја“ ги започне преговорите со ЕУ и да „тргне на патот кон просперитетот“. Сево ова создава нови опасни расцепи во македонското повеќеетничко општество и во внатрешните македонско-албански односи, бидејќи никој нема право ниту да помисли да очекува од македонскиот народ да го „трампа“ своето колективно македонско самоопределување и национално самочувство заради евроинтеграцијата.





