Таневски: „Прикажувајќи го нерешениот спор како безбедносен ризик, Радев подло ги одвраќа инвеститорите од Македонија“

„Во разговор со повеќе политичко-безбедносни аналитичари, но и со економски експерти, беше отворен уште еден аспект на бугарските опструкции кон Македонија. Бугарскиот претседател Радев ‘преку подла политика, со еден удар постигнува двоен ефект – ги одвраќа инвеститорите од Македонија и економски ја слабее, слабата економија води кон зачестени политички турбуленции, што води сѐ подлабоко во спиралата на дестабилизација на земјата’…“ – наведува Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Македонија да се етикетира како безбедносен проблем, заради одвраќање на странските инвеститори“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Уште една скриена агенда во сѐ почестите состаноци на бугарскиот Совет за безбедност“



Таневски пишува: „Актуелните случувања во Украина и напнатото ѕвечкање со оружјето предизвикаа масовно повлекување на инвеститорите од оваа земја, што директно се одразува врз нејзината економија и врз можноста таа да напредува и на секој друг план. Тоа на подолг рок може да доведе и до внатрешна дестабилизација на земјата. Едно слично сценарио ѝ подготвува бугарскиот претседател Румен Радев на Македонија, кој откако не успеа пред странските партнери рационално да ги објасни причините за неколкуте бугарски вета, примени една поинаква доктрина, во која проблемот со Македонија го претстави како безбедносно прашање. За таа цел тој веќе во неколку наврати го свика тамошниот совет за безбедност на кој се расправаше токму за земјава, без оглед што и на значителен дел на бугарски политичари не им беше јасно како Македонија може да претставува безбедносна закана за нивната земја.“

„Истата приказна Радев ја користеше и на средбите со неговиот француски колега Емануел Макрон, но и со другите европски политичари, ставајќи јасно до знаење дека ако не се реши спорот со Македонија, тој ќе стане безбедносен проблем, што може да го дестабилизира регионот. Ако малку подобро се анализираат потезите на Радев, ќе се забележи дека не станува збор само за вообичаена реторика и барање оправдување за блокадите на македонските евроинтеграции, туку се работи за добро осмислена стратегија за одвраќање на инвеститорите од земјава, со постојаното повторување дека таа е безбедносен проблем, а ниту еден инвеститор не сака да ги вложи своите пари во ризични подрачја.“

„Поранешниот гувернер на НБРМ и политичар Петар Гошев смета дека е исклучително важно каква претстава добиваат инвеститорите за одредена земја кога планираат да ги вложат парите, така што не исклучува можност изјавите на Радев да одвратат дел од нив, особено оние што не се добро информирани. ‘Се надевам дека не би влијаеле вакви идиотски блефови за солидно информирани инвеститори, иако не може да се исклучи некаква штета. За инвеститорите апсолутно е важно прашањето за претстават во каква средина би инвестирале од аспект на долгорочноста и стабилноста на условите за водење економија и бизнис. Заднината на ова што сега го прави Радев, издигнувајќи го спорот со Македонија на ниво на безбедносно прашање, е повеќе заради обезбедување поддршка да не се поместат од нивната позиција, истовремено да го намалат притисокот од европските партнери и САД и да не бидат принудени тие да прават некаква отстапка кон Македонија.’ – вели Гошев, додавајќи дека македонските власти треба да покажат цврстина, за да не бидат бесконечно уценувани.“

„Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека кампањата на Радев околу безбедносните ризици во однос на Македонија секако ќе влијае врз одвраќањето на инвеститорите. ‘ Постојаното повторување дека нерешавањето на македонско-бугарскиот спор води кон создавање безбедносни ризици секако ќе влијае врз одлуката на инвеститорите дали да инвестираат во земјава. Радев има поголема гласност кај меѓународниот фактор, државата на која е тој претседател има поголем потенцијал, тој го користи тоа и со елементи на злоупотреба ѝ наштетува на Македонија преку едно скриено уценување. Радев отвори голем фронт. Бугарија ја третира Македонија како противник, што треба да биде послаб, за да може да продолжи да ја уценува.’ – заклучува Андревски.“