Таневски: Бугарија е земја со фашистичко минато во Втората светска војна – таа траума не се брише со вето

„Македонија досега покажа дека искрено, па дури понекогаш и наивно, пристапува во разговорите со Бугарија, со единствена цел конечно да ги започне пристапните преговори со Европската Унија, не барајќи и не условувајќи го со ништо својот сосед, туку напротив, повикувајќи се само на критериумите што ги наметнува Унијата, а кои земјава во целост ги исполни. Софија во овие добрососедски разговори препозна одлична шанса за уцени и за остварување на нејзините вековни апетити, па преку блокада на почетокот на пристапните преговори наметна редица апсурдни барања кон Македонија, кои се несвојствени за Европа во 21 век. Барања до еден народ да се откаже од сопствениот идентитет, јазик и историја ако сака да стане дел од европското друштво.“ – вели Сашо Таневски во својата колумна со наслов „Искривено бугарско огледало“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Преку измислени тези и неосновани обвинувања, источниот сосед сака да создаде искривена слика за земјава како нетолерантна, агресивна, полна со омраза кон Бугарите, сакајќи со тоа да најде алиби за ветото за кое не може да најде разумни аргументи пред Брисел. И можеби капак на сите бугарски небулози и измислици се нивните тези за наводниот тоталитарен режим во некои земји од регионот. Дали притоа мислат на себе, на нивното фашистичко и живковистичко минато? Зашто кога се споменуваат тоталитарни режими чесно и доблесно е најпрво да се погледне околу себе. Западот добро знае која земја беше на страната на Оската за време на Втората светска војна, која остана тоталитарна до падот на комунизмот. Европа, Македонија и светот многу добро знаат кој беше на страната на фашизмот и тоталитаризмот, а кој се бореше против тоа зло. Таа бугарска дамка и траума не се бришат со вето и со празни зборови.“

„Ако сака Софија барем за нешто да покаже европски дух, на кој постојано се повикува, тогаш најдобро би било да ги спроведе 17-те пресуди на Судот за човекови права од Стразбур и да им ги овозможи на Македонците во Бугарија нивните меѓународно загарантирани човекови права. Што треба да кажат тие Македонци таму? Кому да му се пожалат кога се тепани, кога сакаат да им оддадат почест на македонските дејци, да го искажат својот мајчин збор, да се афирмираат како македонско малцинство? Ова се вистински суштински работи поради кои треба да се алармира Европа.“

Интернет – врска до целата статија:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/iskriveno-bugarsko-ogledalo/