„Журнал“: „Дали ќе биде потребна помошта на Мијалков за договорот со Бугарија исто како и за Преспанскиот договор?“

„Обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство во Собранието, за да се внесат Бугарите во македонскиот устав, значи за да се стаса до’волшебните 80 пратеници’, е можно преку активирање на Сашо Мијалков внатре во ВМРО ДПМНЕ, со цел да се обезбедат уште пет пратеници, кои му недостасуваат на едно проширено владино – парламентарно мнозинство, исто како што беа обезбедени 8-те пратеници во минатиот парламентарен мандат, заради внесување на одредбите на Преспанскиот договор во Уставот.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа „Дали можеби ќе биде потребна помошта на на Сашо Мијалков за договорот со Бугарија исто како и за Преспанскиот договор?“

„Журнал“ пишува: „Бугарскиот претседател Румен Радев се обидува да го преземе кормилото од премиерот Кирил Петков во спорот меѓу Бугарија и с.Македонија. За овој спор зборуваше и Радев, кој повторно побара Бугарите да бидат внесени во преамбулата на Уставот. ‘Бугарија ја поддржува европската перспектива на соседните земји од Западен Балкан како посигурна мерка за гарантирање на безбедноста, стабилноста и економскиот напредок на нашиот регион. Поради оваа причина, очекуваме конкретни резултати во економијата и поврзаноста, но и во однос на отворените билатерални прашања во дијалогот со с.Македонија. Особено чувствителни се прашањата на почитување на македонските Бугари, говорот на омраза и нападите против културно-историските бугарски траги. Нерешавањето на овие прашања ќе го спречи и напредувањето кон европската интеграција.’ – изјави Радев на средбата со амбасадорите.“

„Според него, активирањето на билатералните преговори со Македонија и надградбата на досега постигнатото е позитивен знак. ‘Но, Бугарија не очекува само нови ветувања, туку и уставна гаранција за почитување на правата на македонските Бугари преку нивно вклучување во Преамбулата на Уставот заедно со другите делови од преброените народи. Ова мора да се случи пред почетокот на преговорите за членство на нашиот сосед во ЕУ.’ – рече Радев. На овој начин тој најави дека с.Македонија не може да започне преговори за членство во ЕУ без внесување на Бугарите во Преамбулата.“



„Тој дури додава дека почитувањето на човековите права и исполнувањето на Копенхагенските критериуми се, исто така, поврзани со европските вредности и за нив не може да се разговара. ‘Тешко е прифатлива тезата дека во Собранието на земја-кандидат за членство во ЕУ нема мнозинство од две третини од пратениците да се изрази силна волја за постигнување полноправно членство. Исто така, неразбирливо би било да се воведува идеологија од претходниот тоталитарен режим во обединета Европа.’ – вели Радев.“

„И покрај изјавите на бугарскиот претседател, бројките во Собранието на с.Македонија покажуваат поинаква реалност. Парламентарното мнозинство во Собранието со мака достигнува 64 пратеници: 44 СДСМ со партнерите, 15 ДУИ, 4 Алтернатива, еден од ДПА и сега со независниот пратеник Кастриот Реџепи. Да претпоставиме дека сите тие би прифатиле да се вметнат Бугарите во преамбулата на Уставот, иако некои мали македонски партии имаат дилеми околу ова. Да претпоставиме и дека предлогот за вклучување на Бугарите во Уставот, како услов за почеток на преговорите, ќе го поддржат и двете албански опозициски партии – Алијанса на Албанците со 8 пратеници и Беса со 3 пратеници. Повторно доаѓаме до бројката од 75, а за промена на Уставот, вклучително и на Преамбулата, потребни се 80 пратеници.“

„Со оглед на тоа што, од друга страна, имаме две партии со цврсти позиции на оваа тема, како што се ВМРО-ДПМНЕ и Левица со вкупно 46 пратеници, тогаш обезбедувањето плус пет пратеници изгледа навистина тешка работа. Единствената работа која ни доаѓа на ум, за да се стаса до ‘волшебните 80 пратеници’ е можното активирање на Сашо Мијалков внатре во ВМРО ДПМНЕ, за да се обезбедат петте пратеници, исто како што беа обезбедени 8-те пратеници во минатиот парламентарен мандат, за да се внесат одредбите на Преспанскиот договор со Уставот.“

„Се шпекулираше дека ненадејното ослободување на Мијалков од затвор е поврзано со ова прашање, но тие шпекулации не беа сериозни. Затоа што сега имаме една партија ВМРО-ДПМНЕ, која е многу пообединета и похомогена, отколку што беше во минатиот мандат и со многу поголеми надежи да дојде на власт. И во време кога преговарачкиот елан пред еден месец за брзо решение почна да опаѓа, преговорите продолжуваат на техничко рамниште.“ – истакнува „Журнал“ на крајот од својата анализа.