„Журнал“: „Може ли барањето за една изборна единица да го ‘пензионира’ Ковачевски предвреме?“

„СДСМ и Ковачевски се наоѓаат во тешка ситуација, кога станува збор за барањата да постои само една изборна единица во Македонија и да се извршат соодветни измени во изборниот законик. Малите партии во владејачката коалиција го обвинуваат СДСМ дека ги отфрла нивните барања за порамноправен изборен натпревар, а во меѓувреме наидуваат на согласност кај ВМРО ДПМНЕ да им ги исполни тие нивни барања, само за да се одржат предвремени парламентарни избори. А таквите избори ќе значат сигурен пораз на СДСМ и политичко пензионирање на Димитар Ковачевски.“ – вели информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата анализа со наслов „Може ли барањето за една изборна единица да го ‘пензионира’ Ковачевски предвреме?“

„Журнал“ пишува: „Владата се уште нема расправано за работните групи за една изборна единица, односно за измената на Изборниот законик.’ – изјави владиниот портпарол Душко Арсовски, одговарајќи на прашања кога ќе се формираат тие групите и кои ќе бидат членовите. ‘Ќе следат повеќе информации натаму, бидејќи бидејќи се е во рацете на партиите, кои конечно ќе го кажат последниот збор.’ – рече Арсовски на редовната прес-конференција.“

„Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски пред десетина дена изјави за медиумите дека процесот за новиот Изборен законик, односно за изборниот модел прво треба да се дефинира од работните групи, а потоа да се вклучат експерти, за да се согледаат, како што рече, сите предвидувања за тоа како ќе изгледа изборниот процес врз основа на еден претпоставен нов изборен модел.“

„Доцнењето на формирањето на работните групи само ја отсликува тешката состојба, во која моментно се наоѓаат Ковачевски и СДСМ. Од една страна, нивните мали партнери инсистираат на моделот со една изборна единица, а од друга страна е ДУИ со 15 пратеници, која не сака ни да слушне за овој предлог. Малите партии немаат толку пратеници колку ДУИ, но парламентарното мнозинство е сепак доволно ‘тесно’, што секое незадоволство, дури и да не создаде некое ново мнозинство од 61 пратеник, сепак го прави Собранието нефункционално, како што беше досега.“



„Во меѓувреме Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, кој на некој начин стана и портпарол на блокот на мали партии во коалицијата со СДСМ, ја обвини партијата на Ковачевски дека таа е субјектот, што ја отфрла идејата за изборна единица.Трајанов инсистира дека ваквиот модел нема да и наштети на ниту една партија, туку ќе придонесе за одразување на вистинската волја на гласачите во Собранието. Според него, ако големите партии не се подготвени да создадат еднакви услови и можности за политички натпревар, тогаш не може да се очекува дека Македонија ќе се демократизира и оти Собранието, што ќе произлезе од изборите со една изборна единица, ќе биде вистински одраз на одлучувањето на граѓаните.“

„Сепак, директните обвиненија кон СДСМ покажуваат дека работите меѓу нив можеби отишле предалеку. Уште повеќе, ова обвинување доаѓа по средбите што овој блок партии ги имаше со ВМРО-ДПМНЕ, иако по тие средби беше речено дека ‘во моментов не сметаат дека има потреба за исклучоци во владејачката коалиција’. Од друга страна, помалите партии најдоа добар соговорник во ВМРО-ДПМНЕ, подготвен да ги прифати сите нивни барања, само да се постигне целта час поскоро да се оди на предвремени парламентарни избори.“

„Изненадувањата не недостигаат кога е политиката во прашање, но како што стојат работите, брзо одење на предвремени избори би било одење на СДСМ во сигурна загуба (засновано врз резултатите од локалните избори). А со тоа би уследило и предвремено пензионирање (од политиката) на премиерот и штотуку избран лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа.