Полицијата во Париз денеска соопшти дека од 11 до 14 февруари ќе го забрани мото-протестот „Конвој на слободата“ во француската престолнина, инспириран од протестите во Канада против епидемиолошките мерки наметнати поради коронавирусот.



Демонстрантите вчера се упатија од југот на Франција во таканаречениот „Конвој на слободата“ кон Париз, каде што ќе побараат прекин на епидемиолошките мерки. Организаторите рекоа дека ќе го „блокираат главниот град“ од петок навечер.

Протестот е инспириран од слични демонстрации во Отава, Канада.

„Ќе бидат воведени посебни мерки (…) за спречување на блокади на патиштата, казнување и апсење на прекршителите на оваа забрана“, се вели во соопштението на префектурата.

Се започна од Ница кога околу 200 демонстранти се собраа на паркинг во Ница, на францускиот брег на Медитеранот, од кои многумина истакнаа канадски знамиња како поддршка на возачите на камиони во Канада кои протестираа против епидемиолошките мерки таму.