Законот за минимална плата утре влегува во Собрание

Измените на Законот за минимална плата со кои таа се зголемува од 15 200 на 18 000 денари, утре ќе се најдат на пленарна седница во Собранието.



Откако вчера измените поминаа на владина седница, денеска ги добил и претседателот на парламентот Талат Џафери, кој со нив го дополнил дневниот ред за седницата закажана за утре.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска порачаа оти очекуваат пратениците едногласно да го поддржат минималецот од 18 000 денари.

„Имајќи предвид дека сите политички партии и пратеници веќе се изјаснија дека ќе го гласаат законот, нашите очекувања се дека пратениците едногласно ќе го донесат законот со кој ќе се зголеми минималната плата што ќе влијае и на зголемување на останатите плати во државата. ССМ побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да овозможи претставници на ССМ (членовите на Економско – социјалниот совет) да имаат можност да ја следат седницата во парламентот“, рекоа денеска од ССМ.

Договорот за покачување на минималецот беше постигнат во понеделникот вечерта, по неколку дена разговори меѓу ССМ, Владата и организацијата на работодавци. Според договореното, работодавците ќе ја покачат минималната плата, а за покривање на трошоците за придонесите за работниците ќе помага и државата. Новиот минималец ќе почне да се исплаќа со мартовската плата.