„Ако договорот меѓу двете влади бил преку Гоце да не се чепка мечката додека спие, мирно поминале и Гоце и мечката“.



Така може да се опише генералната слика на одбележувањето на родениот ден на човекот, кој колку што ги спојува толку и ги раздвојува Македонците и Бугарите. Ако овие јавни манифестации беа пробен балон за она што може да се случува и што следува во иднина, тој балон не пукна, барем не звучно, фонија што не ја посакуваат двете нови влади и е прилог кон, наводно, подобрените односи и избраниот пат за искрена соработка, ако во политиката има зрно искреност.Сепак, и обландата низ која се зашеќеруваат непријатните спорови си ги испушта горчливите мириси, избраниот целофан недоволно ја покрива аромата на недоразбирањата и спротивставеностите меѓу едната и другата држава.пишува новаинарот Панде Колемишевски во коумна за “Нова Македонија“.

(…)

„Македонското одбележување на Гоцевото раѓање помина повеќе со страв одошто со радост. Страв од Бугарите, уште поголем од себеси и од својата немоќна политика. Македонските власти, од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, од Зоран Заев, па наваму, газат како по јајца за да не го вознемират бугарскиот дух, кој постојано мавта со меч. Така се однесуваа и на 4 февруари 2022 г., така се однесуваат во сите средби и новиот премиер и неговите министри.

Можеби треба да се има разбирање за тоа што министерот за надворешни работи Бујар Османи во своите говори, изјави и интервјуа речиси никогаш не ги спомнува македонскиот народ и Македонците. Не ги користи тие термини. Тој зборува за спор меѓу народи и држави. Но упадливо е што и сите други министри, официјални лица и пратеници во Собранието, како да се срамат да ги изговорат зборовите – Македонци, македонски народ, вклучувајќи го името и на Република Македонија, макар била и Северна.

Во објаснувањата на релациите со Бугарија речиси сите ги употребуваат термините „двете држави“, „двата народа“, никогаш не споменувајќи го македонскиот народ. А токму станува збор за неговата судбина и иднина. Во историските недоразбирања со Бугарија не се во прашање ниту Албанците, ниту Турците, ниту Србите, ниту Власите, ниту Ромите, ниту Бошњаците во Македонија. Во прашање се токму Македонците, нивниот идентитет, нивната историја, јазик и писмо.
Од македонските министри и други официјални лица, дури и за внатрешна употреба, сѐ почесто се слушаат термините „мојата земја“, „нашата земја“, „нашиот народ“, ословувања што за Македонија ги користеа странските претставници што доаѓаа во службена посета на земјата.

На нашите им се суши јазикот кога треба да го изговорат зборот Македонци. Дали македонските политичари се срамат, дали им е речено од странските советници така да постапуваат, тешко е да се претпостави, но може да се заклучи дека тоа неименувањето на името на народот е тешка навреда и кршење на Уставот, во кој Македонците се конститутивен, домицилен и мнозински народ на државата, барем засега..