„Повеќе бугарски историчари признавале посебна македонска историја меѓу 1878 – 1944 г. Сегашната бугарска позиција е рожба на национал-комунистичката политика на градење на единствена бугарска нација започната од режимот на Тодор Живков после 1963 година и истата нема научни туку идеолошки цели – да се гарантира дека во Бугарија македонско малцинство нема и не може да има и да се редефинира македонската нација на пробугарска основа“ вели професорот Стојко Стојков, лидер на ОМО Илинден Пирин.
„Тезата што сакаат да ни ја наметнат не е ни најмалку научна и доволно јасен доказ за тоа е фактот што Бугарија толку жестоко се спротивставува на вклучување на трета неутрална експертска група во мешовитата комисија – многу добро знаат дека ниту една од идеолошките цели што си ги поставуваат нема да најде поддршка“ вели Стојков.
Во интервјуто за Плусинфо, Стојков ја открива „темната страна“ на политиката на Бугарија, но и координираната соработка со Грција, кога се во прашање Македонија и Македонците.
Запрашан зошто бугарските претставници на власта, во континуитет го негираат постоењето на македонското малцинство во Бугарија, Стојков вели:
„Затоа што тоа го руши митот за славна и голема Бугарија. Како што забележал Черчил балканските народи се натоварени со повеќе историја отколку што можат да поднесат. А јас би додал – тие и немаат ништо друго преку што да претендираат за некоја големина.
Тоа е проблемот што и Грција и Бугарија го имаат со македонските малцинства но и со македонската нација генерално.
Нивното постоење само по себе демонстрира дека и грчката и бугарската официјални верзии на историјата се едноставно невистинити. Затоа гледаме дека двете држави координирано работат на асимилација на македонските малцинства и демакедонизација на македонската држава.
Опасноста е идеолошка – ниту македонските малцинства имаат сила (да не зборуваме за желба) да ги загрозат некако овие држави, а ниту македонската нација или држава. Зборуваме за патологии на национализмот, а не за проблеми од реалниот живот“ вели Стојков.







