Речиси 13 милиони луѓе во Кенија, Сомалија и Етиопија се соочуваат со глад, предупредува Светската програма за храна на ОН, објави Ројтерс.



Причината е што Рогот на Африка ја доживува најтешката суша во последните децении.

Агенцијата соопшти дека три последователни сезони на дождови не успеале да се справат со најтешката суша во регионот од 1981 година.

Сушата ги уништи посевите и доведе до невообичаено висока смртност кај добитокот, принудувајќи ги руралните семејства кои се потпираат на добиток и земјоделство да ги напуштат своите домови.

Според Мајкл Данфорд, регионален директор на агенцијата на Обединетите нации во Источна Африка, проблемот е недостигот на вода и пасишта, а прогнозите за врнежи во наредните месеци се под просекот.

ОН алармираат дека ситуацијата бара итна хуманитарна акција за да се избегне повторување на кризата како онаа во Сомалија во 2011 година, кога 250.000 луѓе умреа од глад за време на продолжената суша.