Германија загрижена од најавата за обнова на куќата на нацистичкиот соработник Џафер Дева во Косово

Германскиот амбасадор во Приштина, Јерн Роде, изрази загриженост за најавената реконструкција на родната куќа во Митровица на нацистичкиот соработник Џафер Дева.



„Ова е култура на сеќавање на погрешен начин! Многу загрижен за плановите за реставрација на куќата на Џафер Дева, познат нацистички соработник/протагонист на злогласната СС-дивизија ‘Скендербег’. Без шминкање на историјата! Не ја искривувајте вистината за холокаустот или за воените злосторства извршени од нацистите и од локалните соработници #ЗаштитетеГиФактите“, реагира Роде на Твитер.

Од 5 ноември 1943 до 16 јуни 1944 година Дева бил министер за внатрешни работи на Албанија и во тоа својство на 4 февруари 1944 година го координирал масакрот на 86 жители на Тирана осомничени како антифашисти. Подоцна учествувал во регрутирањето косовски Албанци во 21. Вафен планинска СС-дивизија „Скендербег“, a во септември 1944 година, како лидер на Втората призренска лига, ги водел операциите против партизаните околу Призрен.