„Самите бугарски научни работници објавиле томови документи во кои се говори за расчистување со фашизмот по војната и тоа од политичкиот врв па надолу, а не како што тврди академик (Драги) Ѓоргиев дека тоа биле „профашистички“ организации. Самиот политички врв, цар Борис, председателот на владата Богдан Филов, министерот за внатрешни работи и народно здравје Петар Габровски стојат на врвот на таа наци-фашизирана држава“, вели еминентниот македонски историчар Тодор Чепреганов за Плусинфо.



Тој додава дека во Бугарија во тоа време биле носени и антирасни закони, по примерот на Германија од ерата на нацизмот.

„Законот за заштита на нацијата потпишан од царот Борис, го усвои Собранието и еден цел народ, еврејскиот, беше ставен надвор од било кој закон. Секој можеше да се изживува со нив, немаа никакви човекови права. Тоа го направи политичкиот врв на Бугарија. И тоа беше дело на нацисти. Под директива на фашизираниот политички врв се одвива целокупниот општествено политички живот во Бугарија во текот на Втората светска војна. Тука амнестија нема. За тоа што го направија како наци-фашисти треба да се извинат’ – додава Чепреганов.

Тој му постави прашање на Ѓоргиев за статусот на НОБ на македонскиот народ за време на окупацијата.

„Ако немало фашизам како што вели Ѓоргиев, тогаш тоа ја негира и антифашистичката војна и на македонскиот и на бугарскиот народ. Ако немало фашизам значи немало ниту антифашизам. Немаме анти-профашистичка војна имаме антифашистичка војна’, додава тој.