Што се крие зад бугарското барање за промена на македонскиот устав со внесување на бугарскиот народ во преамбулата? Откако слегна прашината по парадните посети на новиот бугарски премиер Кирил Петков на Скопје и на Димитар Ковачевски на Софија, веќе станува јасно дека не постои никаков простор за постигнување македонско-бугарска спогодба, по ниту една точка од Декларацијата на бугарското собрание за Македонија. Целта на сите бугарски барање не е техничка, туку е суштинска, а тоа е целосна бугаризација на македонскиот народ и преобликување на целокупната македонска повест (културна, историска и јазична) според бугарскиот национален наратив – пишува амбасадорот Ивица Бовецски во колумна за Нова Македонија.
– Сиот овој метеж околу новите комисии за соработка и навидум мрднувањето на македонско-бугарските односи од мртва точка, внимателните набљудувачи прецизно го оценија како успешен маневар на новиот бугарски премиер кон Брисел и кон Вашингтон. Тој покажа кооперативност, отвореност и „европски дух“ да се зборува за иднината, за конкретни проекти, за соработка и за поврзување, наместо да се чмае во мрачните и мемливи балкански одаи, каде што се водат неразумни кавги околу историјата или културата. Навистина, токму така изгледа „офанзивата на шармот“ на Кирил Петков во Скопје од бриселска перспектива. Реалноста е, сепак, драматично поинаква. Бугарија не отстапува ни јота од своите национални позиции, а сега ќе се обиде по „грчки рецепт“ да ги препакува во европска обланда, односно да ја вметне целата бугарска рамковна позиција во преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Така ќе им даде на СДСМ и на Ковачевски молскавична победа во Скопје (молскавична според времетраењето, иако тој се надева и по ефектот во домашната јавност), во форма на толку посакуваниот датум за почеток на преговорите, но себеси ќе си овозможи да биде авторот на стратегиската бугарска победа. Ако Македонија биде обврзана низ процесот на преговорите со Европската Унија да го усвои и да го примени целокупниот бугарски национален наратив во образованието и во културата, тогаш во Европа нема да влезе како македонска држава, туку како втора бугарска држава. А, две држави што припаѓаат кон иста нација кога-тогаш се обединуваат …
Целата колумна на следниот линк:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/kje-vlezat-li-konechno-i-makedoncite-vo-preambulata-na-ustavot/





