Екатерина Захариева, бившата министерка за надворешни работи на Бугарија, со нејзе својствените циничност, пркост и дрскост, не предупредува дека Европската Унија била нивниот морков, кој Софија, за воља за вистината, освен што подолго лакомо го грицка, овојпат настојува да го стави во функција и како ефикасна безбол палка во “добрососедскиот дијалог” со Македонија.
И со намера, со него да избоксува поени за реализација на нивниот од дамнини познат болежлив национализам и мегаломанизам“, пишува новинарот, уредникна „Вечер“ и поранешен дописник на „Ннва Македонија“ од Софија, Бошко Нацевски.
„Факт е дека откако знае за себе, бугарската политичка елита имала истенчени сетила и знаела во сета нејзина дезориентираност и настраност, да намириса во која бавча е морковот. И тоа оној, најголемиот“, порачува Нацевски на Фејсбук
„Вратете се малку поназад во историјата, и ќе се осведочите во тој нивни специфичен дипломатски талент. Да ја оставиме настрана авантурата “трчање по морковот” на нашиот источен сосед во балканските војни. И секако, во туѓи бавчи. Посебно во нивната втора фаза, позната како меѓусојузнички крвав пир.
Владимир Поптомов, пирински Македонец, кој беше министер за надворешни работи во владата на Георги Димитров, во една брошура, анализирајќи ги балканските национализми, посебно изразени во втората деценија на минатиот век, во таканаречената меѓусојузничка војна, чиј епилог е Букурешкиот договор и геноцидноито парчење на македонскиот етнички простор, ќе констатира:
‘Бугарија покажа најголема заграбувачка лакомост и затоа го изеде најдебелиот стап“.
Во Првата светска војна, софиските политички јастреби апетитлиски го загризаа морковот на милитантноста, па, за нивна несреќа, им се заглави во гркланот. Потоа, тој воен излет, на страниците од нивниот историски летопис беа осудени да го нотираа како “национална трагедија”.Следниот голем морков, со надеж за мегаломанска гала оружена гурманска фешта, софиските политичари, со сето нивно идеолошко слепило, но со патолошки порив за хегемонија и запоседнување туѓи простори, ја здогледа во Втората светска војна.
Витешки се сместија на трпезата на Хитлеровата фашистичка армада. Тој морков, како што е мошне евидентно, го загризаа со хиенска прегладнетост. Со оружена здивеност во тој окупаторски потфат, заталкаа во македонскиот етнички простор и делови на јужна Србија. Епилогот е познат – од тој милитантен загриз на морковот, си ги искршија забите. На страниците од тринаесетвековната бугарска историја е забележан како уште една воена авантура, а тешка национална катастрофа со срамен фашизоиден предзнак. Таа неславна хипотека, очигледно, наспроти сите настојувања со средствата на пропагандната козметика, не може да ја избришат и со шминките на фалсификатите да ја вклопат во мозаикот на современите цивилизациски вредности. Историските факти може да се силуваат, но не се менуваат.
Захариева, бугарскаta министерка, која, колку и да се воздржуваме од употреба на речникот на непристојноста, мора да ја сместиме во јатото на софиските националистички јастреби. Очигледно, таа госпоѓа има до ступидни рамки испревртени претстави за моралните начела на политичкиот реализам, за дипломатската етичност и секако – за особеностите и специфичните перформанси на денешниот европски морков. Чинам, не забележува дека во овој политички амбиент, национализмот не е скалило за дофат на хиерарскиот врв.
И дека морковот, посебно оној од европската бавча, не е здраворазумно кога се практикува како “педагошки стап” од некое одамна минато, егзикуторско време. Да не се заборави, стапот има два краја, а има моркови од кои, поради преголема лакомост, се кршат заби!- пишува Нацевски.







