И Ковачевски ја повика Русија на деескалација со Украина

НАТО нема да прави компромис за своите темелни принципи, правото на секоја нација да го одбере својот пат и способноста на НАТО да ги заштити своите сојузници, порача генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг по средбата со македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Брисел. По разговорите, на кои руско-украинската криза била една доминантите теми, Столтенберг посочи дека Македонија е високо вреднуван партнер. Оцени дека руското присуство околу Украина изразено во 100-тина илјади трупи е најголемото руско воено распоредување од Студената војна.



-Секоја натамошна руска агресија би имала тешки последици и би имала висока цена. Посветени сме на изнаоѓање политичко решение за кризата. Но, мора да бидеме подготвени и за најлошото. Ние размислуваме за распоредување на дополнителни борбени групи на НАТО во југоисточниот дел на Алијансата, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Ковачевски, кој е во прва посета на Брисел, нагласи дека го поддржува предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во насока на европската безбедност со фокус на Украина и намалување на ризикот и контрола на оружјето.

-Како сојузник на НАТО се приклучуваме кон апелите до Русија да деескалира и да го продолжи дипломатскиот дијалог. Целосно ги поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признаените граници. Како сојузници ние сме силни, одлучни и обединети во одговорот. Македонија останува целосно посветена на основачкиот договор од Вашингтон како и на фундаменталните вредности и принципи на Алијансата, изјави Димитар Ковачевски, претседател на Владата.

На терен состојбата останува тензична. НАТО проценува дека Русија веќе распоредила дополнителни 30 илјади трупи во Белорусија. Вашингтон како поддршка на НАТО сојузниците возврати со испраќање три илјади војници во Германија, Полска и Романија.

-Важно да испратиме силен сигнал до г-дин Путин, a искрено, и до светот дека НАТО е важен за САД. НАТО е важeн за нашите сојузници. Ние имаме силни обврски кон Членот 5, кој значи дека напад врз еден е напад врз сите , изјави Џон Кирби, портпарол на Пентагон.

Чекорот на САД, Москва го оцени за деструктивен и неоправдан. Путин пред два дена оцени дека САД се обидуваат да ја вовлечат Русија во војна и дека го игнорираат главното барање – НАТО да престане да се шири кон исток и нема да распоредува воени системи близу руските граници.