Најава за радикални чекори ако молчи владата: ,,Ова веќе не личи на образование”

Во својство на овластен застапник на организациите Либрис и Граѓанска иницијатива за образовни реформи Драгана Спасевска најавува радикални чекори ако владата не даде информации за најавата за менување на учебниците во контекст на работата на комисијата за историски и образовни прашања.



Спасевска која стана позната по масовната иницијатива “Учебници и настава мора да има” објавува дека испратила писмо до надлежните институции во кое бара одговори во спротивно најавува радикални чекори.

Целата информација во продолжение:

ЈАВНО ИЗВЕСТУВАЊЕ!

Почитувани родители, почитувани граѓани, почитувана Македонска јавност!

Денес испративме барање за информативна средба со новиот министер за образование и наука Г-дин Јетон Шаќири, исто така испративме и барање до БРО и МНР да ни дадат информации од јавен карактер и јасни одговори за промена на содржините на учебниците. Барањата се испратени писмено и електронски на нивните е-маил адреси.

Започна и второто полугодие а нашите проблеми и барања до МОН кои ги имавме цела година не само што не се решија туку напротив повеќе се зголемија. Како што претпоставувавме дека целта на противзаконската дигитализација и дигиталните учебници не е за да се олесни учењето и наставата туку за полесно да се менаџира со промените на содржините во учебниците. Како што работеше зад грбот на родителите Царовска , сега зад грб на цела Македонска јавност за иднината и образованието решава Министерството за надворешни работи!

Ова веќе не личи на образование и крајно загрижувачки е за нашите деца.
Не може една рака луѓе да менуваат содржини како што тие се договориле.
Каде се стручните лица? Каде се историчарите ? Каде се сите опозициски партии? Каде се сите пратеници? Повикајте ги светските историчари и сите стручни лица пред да менувате историја , географија и литература!!!

Не смееме да дозволиме една рака луѓе да го уништи образованието и да вметнува импровизирани и лажни содржини! И не само што ќе го уништат образованието и ќе ја решаваат иднината на нашите деца, туку ја стават на коцка и нашата иднина , иднината на Македонија ,Македонците и Македонскиот јазик.
Во овој момент ги повикувам сите свесни граѓани, стручни лица, институции и здруженија да ни се придружат, јавно и заеднички да застанеме во стопирање на овој експеримент.

Доколку сега не го спречиме, понатаму нема да можеме да го лечиме проблемот.
И доколку МНР не ни одговори на прашањата тогаш ќе превземеме радикални чекори и со нив.

Ви благодараме

Граѓанска иницијатива
“Учебници и настава мора да има”