Каракамишева: Нема предавање, продолжувам пред Судот во Стразбур

Уставниот суд на денешната седница сосема очекувано го отфрли моето Барање за заштита на лични права повредени со Договорот од Преспа, бидејќи според судијата Осман Кадриу, цитирам: „Договорот не бил поединечен акт, а преземените дејствија не биле индивидуални дејствија со кои може да бидат повредени индивидуални права на поедини индивидуи, групи граѓани или правни лица??!!???“



Судијата Кадриу дури дал оценка за Спогодбата дека со неа се решавале, цитирам: „државни интереси за добробит на сите граѓани и целата држава, согласно што не постојат услови Уставниот суд да одлучува по ова барање“ – пишува професорката Тања Каракамишева. И продолжува:

Да појаснам.

Во моето барање за поведување постапка за заштита на моите слободи и права секаде ги спорам преземените дејствија со кои се повредуваат моите лични права на самоопределување, самоидентификација, национален и културен идентитет, право на име на држава и слично.

Во барањето ги спорам:

Дејството потпишување на Договорот од Преспа ( “Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција) на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“, Грција, претставувана од министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, и „Втората страна“, (безимената држава), претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров;

Дејствата на негово неуставно имплементирање во државата,

Дејствата покренување постапка за измена на Уставот во Собранието согласно овој акт,

Дејството формирање административен Заеднички интердисиплиниарен комитет за цензура и слободата на говорот.

Оттука, не е точно дека поднесеното барање нема деловнички основ врз кој требаше да се поведе постапка.

Во член 51 од Деловникот на Уставниот суд стои дека „Секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или ДЕЈСТВО му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање ДЕЈСТВО со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање“.

Деловничката одредба повикува на постоење или на поединечен акт ИЛИ на дејство со чие што извршување била сторена повреда на слободите и правата.
Според мене, сите горенаведени дејствија се дејствија со кои се повредуваат моите лични и неприкосновени права, правото на самоидентификација, право на самоопределување, право на свој национален и културен идентитет, право на име на држава.

Очигледно е дека овие права не можам да си ги заштитам пред македонските судови поради што сум решена правдата да продолжам да ја барам пред Судот во Стразбур за што јавноста, како и секогаш, ќе биде благовремено информирана.

#НемаПредавањеНемаОтстапување
#ПравдаЌеИмаЕденУбавМакедонскиДен, стои во Фејсбук статусот на професорката Тања Каракамишева.