Културно-просветното и спортско друштво „Светилник“ од Благоевград, чиј претседател е македонскиот активист Атанас Кирјаков, побара од градоначалникот на роденденот на Гоце Делчев 4 февруари да положи венец на неговиот споменик во градот.
„Во врска со чествувањето на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев на плоштадот ‘Македонија’ – Благоевград на 4.2.2022 во час одреден од Општина Благоевград заедно со сите институции и граѓани на Благоевград ве молиме да ни биде дозволено наши претставници на КПСД ‘Светилник’ да положат венец на споменикот.
Сметаме дека молбата ќе ни биде прифатена.
Ќе ги почитуваме укажувањата на Министерството за здравство“, се вели во писменото барање до градоначалникот на главниот град на Пиринска Македонија од здружението со грб што го содржи 16-кракото сонце од Кутлеш, а чиј претседател се идентификува како Македонец.
За истиот ден бугарскиот премиер Кирил Петков најави заедничко чествување со Македонија на големиот јубилеј од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба.






