Професорката Дарија Андовска од Факултетот за музичка уметност од Скопје го поврзува идентификувањето како припадник на македонскиот народ со апостолот на македонската револуционерна борба и најголем македонски син Гоце Делчев.
„Кога ќе кажам Македонец (а не македонче), мислам на Гоце Делчев. Мислам на стамена фигура, образована и високо интелигентна, личност која спротивно на сите лични интереси, го инвестира сето свое знаење, умеење, способности, па и сопствениот живот, во народот и земјата на кои им припаѓа. Мислам на храброст, мислам на волја, мудрост, мислам на снага и харизма.
Мислам на Човек кој не размислува краткорочно и себично, туку широкоградо и визионерски. Зошто е важен Гоце Делчев?
Зашто кога најмалку било возможно и екстремно тешко, се дал со целата своја величина да го разбуди Македонецот кај македончињата. Зашто со своите размисли и сфаќања бил во тек со своето време и будењето на нациите на Балканот, но и современик на денешницата (инклузивноста и космополитизмот), век и пол подоцна.
Гоце Делчев е Македонец. Никој друг не би си го дал животот за Македонија, освен Македонец. Зошто е важен Гоце Делчев?
Зашто јас сум Македонка, која го инвестира својот живот, знаење и умеење во народот и земјата на кои им припаѓа, по неговиот пример“, вели Андовска во својата објава на Фејсбук.





