АА: ДУИ е разгалена од македонските партии

Од Алијансата за Албанците реагираа на соопштението на ДУИ, од каде беше испратен напад кон ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја опозициската партија за организирана кампања против партијата на Али Ахмети, „која е бледа копија на кампањата на СДСМ од пред неколку години“.



„ДУИ неможејќи да ги издржи критиките на јавното мислење и на албанските граѓани кои со право го нарушуваат и онака урнатиот имиџ, барајќи одговорност, оваа партија се занимава со импровизации и видеа каде што е критикувана од експоненти на СДСМ и ВМРО и на тој начин се обидува да изигрува жртва и остава впечаток дека некој сака да ѝ нанесе штета. Ја потсетуваме ДУИ дека токму СДСМ и ВМРО, со кои долго време заедно владееја, го сочуваа овој политички субјект како бела мечка, поштедувајќи ги од правдата корумпираните функционери на ДУИ“ – порачаа од опозициската партија.

Од Алијанса за Албанците додаваат дека на целата јавност ѝ е добро познато дека ДУИ никогаш не била оштетена од македонските субјекти, туку постојано била разгалувана. Од партијата прашуваа дали јавноста се сеќава на случајот „пациент“ на Бујар Османи и на Маѓар Телеком на Али Ахмети!?
„Случаи кои никогаш не беа отворени, а беа прогласени за застарени, благодарение на политизираните судови и под влијание на судии и обвинители блиски до СДСМ и до ВМРО. Тоа што беше поинтересно, но, во исто време и смешно во видеото објавено меѓу експонентите кои сакаа да ја „оштетат“ ДУИ, беше и еден од нивните коалициски партнери и поранешен кандидат на СДСМ за Град Скопје, Петре Шилегов, за кого ДУИ заедно со високи функционери водеа кампања барајќи од Албанците и од нивните гласачи да гласаат за него како кандидат за Град Скопје. Каков апсурд и срам во исто време“, велат од партијата.