Професорот Никола Пановски во телефонски разговор за Телма најпрво го оцени како несоодветен начинот на обраќање преку Фејсбук на новиот министер за здавство Беким Сали и кажа дека главен услов според него е да се укинат сертификатите за да биде дел од Комисијата.



Министерот за здравство Сали, кој преку Фејсбук ги повика Др Пановски, др Даниловски и др Марковски, по нивното одбивање, рече дека нема да ги моли и дека не е време за преговори…

„Не треба министерот да ме назначува за советник, јас сум на располагање 24 часа под услов сето тоа да биде бесплатно бидејќи сум рекол дека за пандемијава ќе работам волонтерски. Ако гледаме колку трае ситуацијата со Омикрон, сигурно 30 дена по 10.000 заразени, сигурно веќе 300.000 луѓе ја поминале болеста, така што мислам дека уште месец дена и населението на Македонија ќе го помине вирусот, па ако не се јави некоја нова мутација – ќе има релативно мал број на случаи, околу 500 во март, а ако е смртноста помала како што е случај тоа со Омикронот тогаш тоа би било подносливо и не би личело тоа на епидемија туку повеќе на ендемија“, вели д-р Пановски.

Професорот Пановски смета дека е погрешна одлуката и за настава со физичко присуство затоа што сигурно нема да штети одлука за онлајн-настава барем извесен и краток период од две недели, додека бројките на заразени се навистина високи и дополнително растат.