Онлајн индустрија специјализирана за производство на лажни пасоши со официјални визи и патни печати им нуди на луѓето поврзани со Исламска држава можност да ја напуштат Сирија и да заминат во ЕУ, Велика Британија, Канада и САД, јавува „Гардијан“.
Една од овие мрежи ја води узбекистански екстремист кој живее во Турција. Тој продава висококвалитетни лажни пасоши до 15.000 долари, а Гардијан располага со сознанија за најмалку 10 случаи.
ЕУ е најпопуларна дестинација, но во најмалку два случаи лица со фалш-пасоши успеале да патуваат од Истанбул до Мексико со лажни руски пасоши и оттаму илегално да ја преминат американската граница.
Нигер и Мавританија се исто така преферирани дестинации, како и Украина и Авганистан.
„Не прашувам од која група е некој. Подготвен сум да работам со секого. Не е моја работа да судам кој е лош, а кој не. Тоа треба да го направат безбедносните служби”, напишал Узбекистанецот во разговор со новинар од „Гардијан“ кој му се претставува како заинтересиран клиент.
Растечката трговија сугерира дека опасните екстремисти би можеле да избегаат од радарот на безбедносните служби ширум светот, да ја избегнат правдата за минатите злосторства и потенцијално да ги продолжат своите терористички активности во други земји.







