Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе расправа за тензиите меѓу Русија и Украина, на барање на Вашингтон, кој ја обвинува Москва дека подготвува инвазија на Украина, поради што најавува и нови санкции.
САД го ставија ова прашање на дневен ред минатата недела, по неформалните разговори со другите членки на Советот за безбедност на ОН и Украина, предупредувајќи дека „руските закани ја загрозуваат меѓународната безбедност и мир“.
„Сега не е време да седиме и да чекаме. „[Советот за безбедност на ОН] треба целосно да го разгледа ова прашање и очекуваме директна и корисна дискусија во понеделник“, рече Линда Томас-Гринфилд, американската амбасадорка во ОН.
Вчера, Украина ја повика Русија да ги повлече силите долж границата меѓу двете земји и да го продолжи дијалогот со Западот доколку „сериозно“ сака да ги намали тензиите, пренесува Хина.
Русија распореди повеќе од 100.000 војници и тешко оружје во близина на границата со Украина, соопштија западните земји, стравувајќи од можна инвазија.
Москва негира дека намерава да изврши агресија над Украина.







