Со амин на Владата, албанскиот јазик наскоро и на полициските униформи?!

Секретаријатот за законодавство на Владата уште на 10 август минатата година дал позитивно мислење за употребата на албанскиот јазик и на униформите на полицијата, открива телевизијата Алсат-М.



Со тоа, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, на полициските униформи ќе биде втиснат и јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од населението, односно албанскиот.

Своето позитивно мислење Секретаријатот го темели на членот 8, став 3 од Законот за употреба на јазиците, кој вели: „Униформите на полицијата, пожарникарството, здравството во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо“.

„Владата мора да ја усвои уредбата, а таа потоа со одлука на министерот да се вметне во Правилникот за употреба на полициски униформи. Иако позитивното мислење се повикува на Законот за употреба на јазиците, тој не е имплементиран од неговото донесување. Неговите одредби јасно го дефинираат спроведувањето на албанскиот јазик во однос на униформите“, се вели во прилогот на Алсат-М.