Ако Русија го стопира гасот за Европа и Македонија ќе настрада

Македонското стопанство може да настрада ако се реализираат црните сценарија, Русија поради кризата со Украина да ја стопира испораката на гас кон Европа, предупредува владата.



Земјава, природен гас набавува од руски Газпром. А прекинот на испораката ќе значи удар врз дел од големите компании во земјава- тие ќе мора да го префрлат производството на друг енергенс како мазутот, кој пак е штетен за животната средина.

Алармот во Владата и бизнис коморите е вклучен. Будно се следи состојбата и се бараат алтернативи – вели вицепремиерот Фатмир Битиќи.

-Колку што е лошо што имаме еден ресурс на енергија како што е гасот само од Русија толку е добро зошто преку гасот ние не произведуваме доволна количина електрична енергија, значи не сме зависни од гасот како таков. За жал евентуалното стопирање на гасот ќе влијае врз стопанството. Но будно ги следиме состојбите и таму најверојатно сите заедно со стопанството ќе треба да мислиме кои се алтернативите, изјави Битиќи во Топ Тема на Телма.

Битиќи вели доколку се остварат тие сценарија, ние не можеме многу да влијаеме освен да се прилагодиме.

-Знаеме дека тие кои што се префрлени на гас како енергенс можат лесно да се префрлат во мазут иако велам тоа е нужно решение кое што не е добро за животната средина но евентуалната таква ескалација би требало да не не фати неподготвени, истакна вицепремиерот Битиќи.