Македонскиот зет Гурбиндо во финалето на Европското првенство во ракомет

Македонија индиректно ќе има свој претставник во финалето на Европското првенство во ракомет преку македонскиот зет Едуардо Гурбиндо, кој со Шпанија славеше над Данска со 29:25 и в недела ќе игра против Шведска, која беше подобра од Франција со 34:33.



Десниот бек Гурбиндо, кој е во брак со Македонката Елена Милева од Свети Николе, за нецели 15 минути во игра не упати удар кон противничкиот гол и имаше едно исклучување од две минути.

Покрај сопругата, со која е заедно веќе четири години, донеодамнешниот ракометар на Вардар од трибините во Будимпешта го бодреше и нивниот 10-месечен син Лиам, а тоа ќе го сторат и во финалето.

Покрај Гурбиндо, за „црвената фурија“ настапија уште двајца ексвардарци – Жоан Кањелјас беше втор стрелец во својата селекција со 7/11, а Хорхе Македа имаше ефект 2/6 во нападот.

Натпреварот го водеа македонските судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.