Идиотска е споредбата на кафулињата и на училиштата. Тука мислам на најчесто употребуваниот аргумент во дебатата на оние што се заговорници на тезата дека второто полугодие треба да започне со физичко присуство на учениците, наместо наставата да се одвива онлајн – пишува Срѓан Ивановиќ во колумна на Плусинфо.
– Премногу лесно и паушално се споредува одењето во кафеана, ресторан или испивањето кафе во текот на паузите, со образовниот систем кој е принуден да се прилагодува на епидемиолшката слика во земјава.
А епидемиолошката слика е очајно лоша. Неколку дена по ред имаме по 2.000 заболени лица, а бројот на починати од ковид-19 рапидно расте. Точно е дека угостителите работат и се отворени за посетители, но за разлика во училиштата, во кафуле се оди по сопствен избор и на сопствен ризик. Со школите не е така.
Не смее да се изостави од дебатата ниту фактот дека во моментов преживуваме во исклучително тешки економски услови. Токму угостителите беа меѓу најпогодените од рестрикциите коишто произлегоа од здравствените мерки и тешко дека би можеле да опстојат доколку повторно се затворат. Голем дел од нив веќе пропаднаа.
Училишата, пак, не може да пропаднат. Ќе ги примат учениците на средината од февруари или на почетокот на март. Така барем тврдат експертите, кои предвидоа пикот на последниот бран на вирусот да се случи за едно две недели. Исто така треба да се има и в предвид дека во време кога е проблем да се обезбеди парно и струја, би претставувала сериозна заштеда доколку учениците останат дома во текот на најстудениот период – додава Ивановиќ.
Целата колумна на следниот линк:





