Нервоза во Софија, Македонците од Бугарија на средба со Пендаровски

Денеска на пладне претседателот Стево Пендаровски ќе прими претставници на Македонците од Бугарија во официјалната резиденција Вила Водно.



Средбата е на барање на ОМО „Илинден Пирин“, а ќе присуствуваат повеќе претставници на здруженија на Македонците од Бугарија.

Оваа средба еднаш веќе беше одложена пред посетата на бугарскиот претседател Петков на Скопје, официјално поради короната а неофицијално за да се избегне бугарска реакција поврзана со Договорот за добрососедство од 2017 година со кој Македонија се откажа од грижа за Македонците од Бугарија доколку немаат македонски пасоши.

По одложувањето официјална Софија во повеќе наврати и на различни дипломатски нивоа испратила порака дека средбата може сериозно да наштети на односите меѓу двете земји, дека истата е спротивна на договорот од 2017 и дека може да се толкува како мешање на Пендаровски во внатрешните работи на Бугарија.

Денеска во Скопје во делегацијата на Македонците од Бугарија нема да биде Стојко Стојков еден од највлијателните лидери на Македонците во оваа земја.

Македонците ќе бидат претставени од други седум активисти за македонската кауза во Бугарија кои со години трпат репресии и притисок од бугарските власти.

Според извори од Софија, Бугарија нема да ја премолчи средбата која за делови на бугарската влада значи отворена провокација од Скопје.

Бугарските политичари имаат редовни средби со Бугарите кои живеат во Македонија.