Роднини на преживеаните во трагичната несреќа на автобусот на „Беса трнс“, кој се запали на автопат во Бугарија при што изгореа 45 патници, не веруваат на извештајот на истрагата дека возачот бил виновен и велат дека ќе бараат дополнителна истрага.
„Ќе бараме вистинска истрага. Ова ќе оди до Стразбур! Нека се истакне вистината, некој нека ја преземе одговорноста. Како може шоферот да ја надминал дозволената брзина? Кој автобус оди 120 на час? Јас цел живот сум шофер и тој пат сум го возел неколкупати. Вистината ќе излезе на виделина“, вели Ќамуран Пајазитовски, роднина на патник во автобусот на „Беса транс“ за „Слободен печат“.
„Некој нека каже што имало во автобусот, а не дека возачот ја надминал брзината, вели Пајазити откако бугарските истражители заклучија дека причината за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија, во која зизгореа 45 македонски државјани, е тоа што возачот изгубил контрола врз автобусот, како и големата брзина.
„Немам доверба ни во нашата ни во бугарската држава веќе. Имаме живи луѓе што ја виделе вистината, не им веруваме, а веруваме дека е виновен шоферот, кој е мртов“ вели Пајазити.
Каде се златото и накитот прашуваат роднините на загинатите во автобусот на „Беса транс“
Орхан Алити, еден од седумтемина преживеани во несреќата, кој, за жал, не успеал да го спаси и својот 23-годишен син Висар, во изјава за „Слободен печат“ вели дека чека институциите да ја завршат истрагата.
„Очекуваме институциите да го истражат случајот. Досега никој не ме контактирал освен Црвениот крст на Македонија – изјави Алити.
Засега нема ниту информации за тоа каде е сопственикот на „Беса транс“ Беким Хаџиу, кој бил во еден од автобусите во конвојот од Истанбул кога се случи несреќата, пишува „Слободен печат“.







