Асани: „Ако Македонија и Бугарија не ги тргнат маглите од историјата, ѕвечкањето на оружјето од Украина може да се случи и во Балканот“

„Ако с.Македонија и Бугарија не ги отстранат маглите на историјата од преговарачката маса и ако продолжат да го решаваат меѓусебниот спор со историските формули од 19 век, во оваа нова политичка, социјална и економска реалност, во која новата геополитика не оди заедно со старата историја, тогаш кризата и ѕвечкањето на оружјето на границите на Украина во не така далечна иднина може да се случи и во регионот на Балканот.“ – вели Скендер Асани, доктор по историски науки, научен советник и директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија, во својата колумна со наслов „Европскиот процес на разбирање – единствен клуч на приближувањето на Скопје и Софија“. Колумната ја објави телевизијата на албански јазик „Шења“ на својот интернет – портал.



Асани пишува: „Бугарија и с.Македонија мора час поскоро да ја вратат агендата за меѓусебно разбирање во политички процес, потпомогнат од Вашингтон, Брисел и ООН, кој би ги отстранил маглите на историјата од преговарачката маса. Нема решавање на споровите со историски формули од 19 век, затоа што сега живееме во нова политичка, социјална и економска реалност , каде што новата геополитика не оди заедно со старата историја. Државите од регионот сега успеаја да се приспособат кон новата геополитичка карта, по распадот на Југославија, и денес имаме сосема нова реалност. Македонија е независна, Косово исто така. Бугарија и Србија мора да ја прифатат и да ја почитуваат оваа реалност. Но, политичките елити во Приштина, Белград, Софија и Скопје мора да вложат максимални напори за да се ослободат од стапиците на ‘црвените линии’, кои доаѓаат како последица на историцистичкиот и егоцентричен пристап кон проблемите.“

„Мора да се напушти демодираната практика на формирање комисии за историја и треба итно да се поништат резолуциите на Бугарија и с.Македонија, усвоени пред извесно време од парламентите на овие две држави, кои беа погрешно мотивирани од ретрограден дух, а кој сега бара и повлекување на трупите на НАТО од овој дел на Балканот. На Софија и на Скопје им е потребен процес на разбирање, кој би бил потпомогнат од ЕУ и Вашингтон, но и од ООН, каде што центарот на интересирање нема да биде минатото, туку иднината на народите на овие две земји. Регионот географски и културолошки им припаѓа на Европа и на Западот во целина, така што Бугарија и с.Македонија мора да разберат дека секое нивно доцнење во евроинтегративниот процес ги охрабрува апсурдните повици да се отстрани НАТО од Балканот.“

„Сегашната криза и ѕвечкањето на оружјето на границите на Украина во не така далечна иднина може да се случи и во регионот на Балканот. Но, тоа би можело да се превенира, да се спречи, ако политичките елити во Софија и во Скопје ја ‘прочитаат’ правилно заканувачката порака, која доаѓа од создавањето на ‘тампон – зоните’, поради неприсуството на трупите на НАТО и поради задоцнетите евроинтегративни процеси. Во с.Македонија и Бугарија има доволно прозападен дух, кој би послужил како вентилирање на позитивните процеси за иднината на народите на овие две земји. Секој друг пристап што го нема овој дух би бил чекор наназад, а заканата за регионалниот мир и стабилност би можела да стане дел од воените прирачници на Кремљ.“

„Не се осмелуваме ни да помислиме дека сме толку неспособни да разбереме дека со овие опструкции, што се прават во сегашните бугарско-македонски односи, се дел од прирачникот, со кој сакаат да ни ја затворат иднината! Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат час поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес што ќе го следат ЕУ, Вашингтон и ООН.“ – заклучува Скендер Асани во својата колумна.

Инаку, спроти новата средба на владите на Македонија и Бугарија во Скопје и особено пред стартот на новите меѓусебни комисии, авторот на оваа колумна им порачува конкретно и на Македонците да ги „отстранат маглите на историјата и историските формули од 19 век од преговарачкиот процес со Софија“, оти „новата политичка, социјална и економска реалност и новата геополитика не одат заедно со старата историја“, едновремено предложувајќи им на Македонците и „ослободување од стапиците на ‘црвените линии“ и од „историцистичкиот и егоцентричен пристап кон проблемите.“ Но, Асани за своите сонародници – Албанци има сосема поинакви ставови и така, на пример, во едно истапување во јавноста, на 27.мај 2019 година во Скопје, тој како доктор за албанска историја ќе истакне дека „Албанците треба да учат од своето минато“, нагласувајќи: „Албанците, пред се, треба да ја научат својата историја и минато, за да потоа да се изгради иднината. Треба да се чуваат колективните историски сеќавања.“

Тогаш, зошто и Македонците, како и Албанците, да не ја научат, пред се, својата историја и минато, за да потоа си ја градат иднината, зошто и Македонците да не ги чуваат своите колективни историски сеќавања, наместо да се откажуваат од „маглите на својата историја“, во име на „новата геополитика“ и на евроинтеграциите?