ТВ 21: „Енергетската криза го загрозува Куманово – водоводот очекува јануарска сметка за струја до 140 илјади евра!“

„Енергетската криза станува закана за работењето на претпријатијата во Куманово. Претпријатието ‘Чистота и Зеленило’ привремено го затвори градскиот базен, поради сметката за струја, која може да достигне и до 50 илјади евра. Со тоа се загрозува претпријатието, чија главна дејност е одржување на хигиената во градот.“ – објави ТВ 21 во информацијата со наслов „Енергетската криза ги загрозува препријатијата во Куманово – се соочуваат со милионски фактури за струја!“



ТВ 21 пишува: „Базенот во Куманово ќе биде затворен се до изнаоѓање решение, или додека се намали цената на електричната енергија. Исто така, и претпријатието ‘Водовод’ од Куманово се соочува со големи финансиски трошоци поради енергетската криза. Директорот Оливер Стојмановски истакнува дека сметката за струја ќе биде 7 пати повисока и за јануари се очекува да достигне 140 илјади евра. За проблемот се алармирани надлежните институции од каде велат дека се во преговори за наоѓање решение. Стојмановски објасни дека имаат тешкотии за плаќање на струјата, бидејќи претпријатието е блокирано и работи со неопходните средства.“

„Основните и средни училишта во Куманово се, исто така, во опасност да останат без струја, ако продолжат да паѓаат тендерите за снабдување со електрична енергија. Претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска за ТВ21 вели дека ситуацијата е загрижувачка и оти треба да се размислува и за алтернативни решенија за обезбедување електрична енергија. ‘Тендерите се објавуваат а никој не се пријавува поради недостигот од електрична енергија на пазарот и непредвидливоста на цената на струјата. Општината и Советот ќе дејствуваат и ќе инвестираат во обезбедувањето струја од обновливи извори.’ – вели Ивана Ѓорѓиевска.“

„Се очекува високите сметки да влијаат и врз инвестициите, оти тие пари ќе се потрошат за плаќање струја.“