„Известувањето на Министерството за здравство на општествената мрежа инстаграм за чинот на дарување човечки органи предизвика пишувања на некои македонски медиуми, по кои уследија навредливи и албанофобни коментари со спротивставувања само затоа што таа објава беше првин на албански, а потоа на македонски јазик.“ – вели информативната агенција на албански јазик ИНА.
ИНА пишува: „Весникот ‘Вечер’ информираше дека македонските граѓани реагирале остро преку коментари по објавата на Министерството за здравство, во која се соопштува за дарувањето органи, што спасуваат човечки животи. Во коментарите кон оваа објава ‘Вечер’ пишува дека се забележува револт на граѓаните, поради некоректното спроведување на законот за јазици од страна на службата за односи со јавноста на Министерството за здравство. Исто така, и насловот на написот на овој весник на интернет – верзијата е ‘Само што седна во фотелјата БЕКИМ ГО АЛБАНИЗИРА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО’. Известувањето на Министерството за здравство предизвика реагирања само затоа што објавата првин е на албански, а потоа на македонски јазик. Уследија десеттици навредливи коментари со спротивставувања и во албанофобен тон.“
Инаку, во споменатиот напис на „Вечер“ се наведува и дека „во коментарите кон објавата на Министерството за здравство може да се забележи револтот на граѓаните, поради неправилната примена на законот за јазици од страна на службата за односи со јавноста на тоа министерство; со ресорот после новата реконструкција на владата раководи стоматологот Беким Сали од Алтернатива.“





