„Нелогично и непродуктивно е инсистирањето на ДУИ да има премиер – Албанец, бидејќи ако постојниот премиер треба во последните три месеци од мандатот треба да поднесе оставка, за да му отстапи место на премиерот – Албанец, тогаш во тој случај тоа ќе претставува оставка и на целата Влада. Ќе треба да се одредат нов мандатар и нова Влада со мандат од само три месеци. Ова е губење време, спроведување многу други процедури, само за да се исполни желбата на една политичка партија, на ДУИ.“ – нагласува Темелко Ристески, познавач на уставните прашања, во изјавата за анализата на Редакцијата на албански јазик на Радио Слободна Европа со наслов „Дали с.Македонија ќе има албански премиер?“
Оваа редакција на Радио Слободна Европа во својата анализа пишува: „Измените во изборниот модел, што се очекува да ги предложи македонската опозиција, ја покренуваат дилемата: дали во последните три месеци од мандатот на Владата ќе има промена на премиерот, или дали шеф на извршната власт ќе биде Албанец? ВМРО ДПМНЕ вели дека ќе предложи промена на досегашниот модел, односно да нема техничка влада на крајот на мандатот на извршната власт. Техничката влада, во која учествува и опозицијата, почна да се спроведува уште од изборите во 2016 година, врз основа на договор меѓу партиите за решавање на политичката криза. Таквата влада имаше мандат да го организира и да го спроведе изборниот процес, за да биде прифатлив резултатот од тој процес за сите политички партии.“
„За укинување на техничката влада на 30 јуни 2020 година се договорија и поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во меѓувреме, на парламентарните избори во 2020 година ДУИ настапи со мотото ‘За прв албански премиер’, но тоа не беше постигнато бидејќи премиерот, врз основа на Уставот, се избира од победничката партија. Меѓутоа, ДУИ и СДСМ постигнаа договор на следните избори, кога и да се одржат, во последните три месеци од мандатот на редовната политичка влада, или на новата техничка влада, неа да ја води албански премиер.“
„ДУИ останува на барањето за албански премиер, без разлика дали ќе биде укината техничката влада, или не. ДУИ верува дека тоа ќе го поддржат сите политички партии, како ново достигнување, кое, според ДУИ, ќе ја докаже демократската зрелост на с.Македонија. Ветувањето за прв албански премиер во последните 100 дена од мандатот на Владата, предложено од Демократската унија за интеграција, веќе ја има поддршката од Социјалдемократскиот сојуз, но и од ВМРО ДПМНЕ и албанските партии во опозицијата. ‘Ова достигнување ќе стане реалност и показател за демократската зрелост на с.Македонија, ќе биде подобар промотор на проевропските вредности на соживотот и напредокот.’ – рече Арбер Адеми, шеф на пратеничката група на ДУИ во Парламентот.“
„Темелко Ристевски, познавач на уставните прашања, за Радио Слободна Европа вели дека е добредојдено укинувањето на техничката влада, поради фактот што таквиот формат ‘создава лоша слика за државата’: ‘Техничката влада е направена со единствена цел да се организираат избори, тие да бидат слободни, демократски и прифатливи за сите партии. Но, ваквата влада е непродуктивна, непотребна, особено за земја-членка на НАТО и за држава, која очекува почеток на преговорите за членство во ЕУ. Такви формати на влади може да има во недемократски земји, или во оние земји каде што навистина постои недоверба во институциите, или каде што се обвинети за недостиг на демократија и за непочитување на најосновното право – правото на глас.’ – рече Ристевски.“
„Но, Ристевски се спротивставува и на идејата за промена на владата непосредно пред изборите само да се исполни барањето една партија, за да има премиер од нејзините редови. Ристевски вели дека и во овој случај се губи многу време и оти ништо не се постигнува. Тој оценува: ‘Ако се поништи одлуката да има техничка влада и ако се инсистира на албанскиот премиер, тогаш тоа ќе направи големи проблеми, бидејќи во овој случај, со оставката на премиерот за да му отстапи место на новиот премиер, оставка треба да даде целата Влада. Оставката треба да биде констатирана од Парламентот и да се одреди нов мандатар. Потоа, треба да се продолжат законските рокови од 20 дена и конечно да се избере нова Влада, која би имала мандат од само три месеци. Ова изгледа нелогично, непродуктивно, тоа е губење време, спроведување и многу други процедури, само за да се исполни желбата на една политичка партија, на ДУИ“ – објави Редакцијата на албански јазик на Радио Слободна Европа во својата анализа.





