„Македонија е тешко погодена од колерата, која со години ја предизвикуваат неодговорните политичари. Денес со кого и да седнеш да поразговараш, чека термин за во Германија. Лошото е што бегаат не само младите, туку бегаат сите. Бегањето од Македонија не познава ниту возраст, ниту професија.“ – вели Мухамер Пајазити од Македонија, професор по евроинтеграции на универзитетскиот ИСПЕ колеџ во Косово, во својата колумна со наслов „Сите го чекаат терминот за Германија“. Колумната ја објавија информативната агенција ИНА и некои други медиуми на албански јазик во Македонија.
Пајазити пишува: „Во многу оддели низ болниците, особено во малите градови, не може да се најде ниту лекар, ниту друг здравствен работник. Се празнат амфитеатрите во универзитетите. Се празнат училниците во средните и основните училишта, во нив секој ден се празни по една клупа и по едно столче. Не може да се најде ниту клучар, ниту мајстор, за да поправи некој дефект во куќата, дома.“
„Ова е реалноста, во куси црти. Таа настана како последица на криминалот и политичарите, како последица на губењето на вредностите на меритократијата – системот на напредување според заслугите и способностите, како последица на губењето на вербата во правосудството и другите државни институции.
Губењето на вербата е и кај опозициските партии. Во ваквите околности граѓаните не гледаат надеж, ним им се преку глава лагите на политичарите. Не знам дали статусот на меѓународен протекторат би ја спасил оваа држава, кој би започнал со ветинг – контрола на сите институции на државата и кој би ги фрлил во пранги ајдуците, кои ја уриваат секоја надеж дека ќе биде подобро во оваа земја.“ – заклучува Мухамер Пајазити во својата колумна.





