Украина добива американска воена помош тешка 200 милиони долари

Првата пратка од американскиот пакет безбедносна поддршка за Украина во вредност од 200 милиони долари пристигна во Киев, соопшти американската амбасада во Украина.



Испораката дојде по посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Киев оваа недела поради загриженоста за десетици илјади руски војници распоредени на границата со Украина, иако Русија негира дека планира нова воена офанзива, јави Ројтерс.

САД ќе продолжат да обезбедуваат таква помош за поддршка на украинските вооружени сили во нивните тековни напори за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина од руската агресија“, се вели на Фејсбук страницата на амбасадата.

Прес-службата на американската амбасада во Киев соопшти дека минатата година САД и дале воена помош на Украина во вредност од над 650 милиони долари, а од 2014 година за тие цели се потрошени 2,7 милијарди долари.

Во соопштението се вели дека овој потег „ја демонстрира посветеноста на САД да и помогне на Украина“ да ги зајакне нејзините одбранбени капацитети против растечката руска агресија“.