Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ вели дека Србија добила информација дека атентатот на претседателот Вучиќ бил планиран во првата половина на февруари годинава.
Според неа, информацијата за планираниот атентат ја добила во петокот на 14 јануари под ознака итно од Европол.
„Сосема е јасно и недвосмислено дека атентатот на Вучиќ е испланиран, дури и времето кога е планирано убиството – во февруари оваа година“, рече таа.
Премиерката синоќа, во гостување на една телевизија, рече дека сите служби работат на спречување на убиството на српскиот претседател.
Брнабиќ рече дека доколку службите не го спречат нивниот влез во Србија и нивните послушници, таа не верува во личната безбедност на претседателот Вучиќ. „Ако сакате да убиете некого, можете да го направите тоа. Дали ситуацијата е сериозна? Исклучителна“, рече таа.
Според премиерката Брнабиќ, станува збор за организирана криминална група составена од луѓе од земјите од регионот, но и од некои земји од ЕУ.
Таа напомена дека во депешата на Европол пишува дека Радоје Звицер е тој што го организира атентатот, но се сомнева дека тој е шеф, односно дека има некој над него.
„Сè што ќе кажам може да ја загрози истрагата и да ги предупреди тие луѓе“, рече таа, истакнувајќи дека е важно да се открие каде се луѓето кои биле закана за безбедноста на Вучиќ.







